Одржани отворени денови за граѓанско образование

748
Основните училишта, и покрај новиот начин на работа на далечина, и оваа учебна година реализираат отворени денови за граѓанско образование каде се презентираат ученички иницијативи. Активностите се спроведуваат на далечина или преку хибриден модел кој комбинира дигитални активности на далечина и активности со физичко присуство. На тој начин се зајакнуваат граѓанските компетенции на учениците. Во периодот ноември – декември 2020 година, одржани беа неколку отворени денови за граѓанско образование.

Во основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола, одбележувањето на отворениот ден за граѓанско образование беше посветено на Меѓународниот ден на детските права. Ученици од различни одделенија учествуваа во многу интересни активности и со физичко присуство и на далечина. Тие одржаа онлајн седница на Ученичкиот парламент и квиз на тема „Правата на децата“. Беше организирана онлајн изложба на тема „Имам право да го искажам моето мислење“ на која ги презентираа своите ликовни изработки. А присуствуваа и на онлајн средношколско предавање против врсничко насилство и на свечена седница на ученичкиот парламент на гимназијата „Јосип Броз Тито“. Со запазување на сите протоколи за заштита, учениците заедно играа спортски активности.

И во основното училиште „Лазо Трповски“ во Скопје, отворениот ден за граѓанско образование се одржа на 20 ноември со што се одбележа Меѓународниот ден на детето. По тој повод, презентирано беше видео за детските права изработено од учениците од седмо и деветто одделение. Преку изработеното видео, учениците се стремат кон подигнување на јавната свест за обврските кои општеството ги има кон децата, како и важноста на навремените промени со цел подобрување на благосостојбата на сите деца.

Во основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Скопје, во рамки на отворениот ден беше организирана онлајн дискусија на тема сајбер-насилство. Дискусијата ја модерираше ученичкиот правобранител во училиштето, а ученици од деветто одделение ги споделија своите ставови и искуства поврзани со сајбер-насилството како честа појава во денешно време. На настанот беше поканет и претставник од граѓанскиот сектор кој одржа кратко предавање за сајбер-насилството, начините за заштита од потенцијално сајбер-насилство и можните чекори за справување со оваа појава. На крајот на настанот, промовирана беше и информативна брошура на тема сајбер-насилство, наменета за учениците од основно образование.

Во текот на учебната 2020/2021 година, основните училишта ќе продолжат да спроведуваат ученички иницијативи и да ги презентираат на отворени денови за граѓанско образование, со цел да поттикнат развивање на активни и одговорни граѓани и да негуваат демократска клима во училиштето.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.