Наставниците кои спроведуваат заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици добија награди и признанија

295
Заедничките часови со ученици кои учат на различни наставни јазици, кои се поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, придонесуваат за подобрување на меѓуетничката интеракција меѓу младите и градење на граѓански и демократски вредности. Тие ќе продолжат да се реализираат и во новата учебна година, но сега во осум скопски средни училишта така што на досегашните „Арсени Јовков“, „Здравко Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“, „Јосип Броз-Тито“ и „Владо Тасевски“ им се приклучува и средното училиште „Панче Караѓозов“.

За да им се оддаде признание на наставниците кои ги спроведуваа овие часови во изминатата учебна година, на почетокот на септември, Град Скопје им додели награди на 45 наставници од средните училишта. Тие активно учествуваа во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во училиштата во учебната 2020/2021 година и одржаа околу 740 заеднички часови со повеќе од 635 ученици кои учат на македонски, албански и турски наставен јазик.

Со почитување на протоколите за заштита, Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов им ги додели признанијата и наградите и порача, „Преку реализација на заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици професорите успеваат во најчувствителниот период од развојот на личноста да ја испратат пораката дека различностите се најголемото богатство на македонското општество. Ваквите проекти најдиректно ќе придонесат нашите деца да научат дека со меѓусебно почитување можеме и мораме да изградиме просперитетно општество кое е основа за подобар и поквалитетен живот за сите“.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.