Наставници од средните училишта од Град Скопје учествуваа на обука за реализација на заеднички часови преку учење на далечина

111
Наставници од средните училишта вклучени во активности за реализација на заеднички часови „Арсени Јовков“, „Здравко Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“, „Јосип Броз-Тито“ и „Владо Тасевски“ од Скопје учествуваа на обука за реализација на заеднички часови на далечина со ученици од различни наставни јазици. Околу 40 наставници и координатори на тимовите за училишна интеграција, претставници од Град Скопје, Центарот за стручно образование и обука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и тимот на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, беа учесници на обуката.

Ардијана Исахи Палоши, од Центарот за стручно образование и обука, го претстави процесот на организирање на заеднички часови пред присутните и потенцираше дека за успешно спроведување на овие часови се вклучени училиштата и Град Скопје. Се презентираше и напредокот на централно ниво, локално ниво и на ниво на училиште во однос на меѓуетничката интеграција во образованието.

За време на обуката беа опфатени и начини и приоди на спроведување на часови на два наставни јазици на далечина. Присутните се запознаа со подготовката за настава и процесот на планирање во овие услови. Како клучни точки беа издвоени планирање на максимална интеракција меѓу учениците особено за време на настава на далечина и реализација на наставата на два наставни јазици.

„На часовите треба да има позитивна атмосфера што поттикнува меѓусебна соработка, поддршка и доверба кај учениците. Фундаментален елемент на новата педагогија е технологијата, фокусот при подготовката е во содржината, а не во амбиентот, воспитната димензија е насочена кон времето и работата. Планирањето и подготовката на наставниците реализатори, е најважна за да се постигне добар резултат како во делот на образованието така и во делот на воспитанието”, вели Ардијана.

Наставниците научија повеќе детали и се стекнаа со вештини за организирање на часовите во насока на колегијална соработка, поделба на ресурсите на повеќе јазици, работа со учениците, справување со предизвици, развивање на компетенции и слично. Тие се согласија дека секој наставник треба да ги слуша учениците внимателно и да ги поттикнува слободно да се изразуваат на сите наставни јазици. Но, и дека успешноста на заедничките часови зависи од поддршката на родителите, раководството на училиштето и на локалната заедница.

„Целата обука беше важна. Стекнавме значајни сознанија за начинот на кој треба да се изведува заедничкиот час во услови на КОВИД-19 како и за техничките можности за изведување заеднички часови и за педагогијата на учење на далечина“, споделија наставниците.

На крајот учесниците дискутираа за поголемо фокусирање на интеракцијата за време на часовите наспроти само предавање на материјалот.

Мајда Јошевска – Стојоска, претставник од Мисијата на ОБСЕ, порача „Технологијата сега овозможува да се премостат физичките бариери на интеграцијата, како што се етничките смени или учењето во различни училишни згради. Наставата треба истовремено да ги ангажира и обединува учениците преку смислена интеракција.

Оваа учебна година, заедничките часови ќе се реализираат преку учење на далечина во седум повеќејазични средни училишта во Град Скопје. Преку овие часови, учениците ќе продолжат да учат да соработуваат едни со други, да градат меѓусебна доверба и да стекнуваат вештини за заедничко живеење во мултиетничко опкружување и нови пријателства.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.