Младите од Струга го разубавија јавниот простор

170
Интересна младинска акција се одржа во општина Струга неодамна. Учениците од основните училишта „Св. Климент Охридски” од с. Драслајца и „Зини Хани” од с. Велешта и средното училиште „Др. Ибрахим Темо“ се собраа почитувајќи ги протоколите за заштита и го разубавија паркот. Оваа акција е поддржана од Општина Струга и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието во соработка со Младински образовен форум.

За време на акцијата, учениците од различни етнички заедници заедно го исчистија паркот, свесни за важноста од заштитата на животната средина. Беше поставена и нова урбана опрема со што целиот простор доби поубав изглед. Исто така, младите добија повеќе места за дружење и уживање.

Акцијата е резултат од нивните онлајн работилници во изминатите месеци на коишто ги идентификуваа предизвиците и можните решенија за подобрување на состојбата во заедницата. Преку онлајн средби за застапување, тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка. Така учениците успеаја да ги реализираат нивните идеи, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам.

Во претстојниот период се планирани повеќе вакви акции во различни општини низ државата за време на кои учениците ќе ги спроведуваат своите иницијативи за подобрување на состојбата и разубавување на околината.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.