Младите од Долнени организираа акција за разубавување на училишниот двор по повод Денот на младите

873
На 12 август 2021 година, се одржа младинска акција, поддржана од Општина Долнени и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. Учениците од различни етнички заедници од основните училишта „Али Фети Окјар“ и „Пере Тошев“ и средното училиште „Рилиндја“ го одбележаа Денот на младите. Тие се собраа почитувајќи ги протоколите за заштита и го разубавија дворот на средното училиште „Рилиндја“ во село Житоше, Општина Долнени.

Заедно со нивните родители и вработени во училиштето и општината, во дворот поставија модерна опрема и посадија дрвја и растенија. На учениците им се придружи претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Шерон Келман Јет која ја истакна важноста од поттикнување на младински активизам и разговараше со нив за нивната мотивираност и улога во подобрување на состојбата во околината.

Таа се сретна и со Градоначалникот на Општина Долнени, Џемил Ќамили и со директорот на средното училиште, Валмир Шаќири со кои дискутираше за начините на кои општината ги поддржува младите и нивните идеи и за соработката со училиштата за унапредување на меѓуетничката интеграција.

Учениците планираа акција, која што ќе се организира за време на летниот распуст. Таа е резултат од онлајн работилници на кои учествуваа во изминатите месеци на коишто ги идентификуваа предизвиците и можните решенија за подобрување на состојбата во нивната општина. Преку онлајн средби за застапување, тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка. Така учениците успеаја да ги реализираат нивните идеи, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.