Младите го одбележаа Меѓународниот ден на мирот

229
Со спроведување на повеќе креативни активности и иницијативи, околу 200 ученици од девет основни и средни училишта низ државата го одбележаа Меѓународниот ден на мирот, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. Тие се собраа во училишните дворови, со почитување на протоколите за заштита и заедно ја подобрија средината во која учат.

Во основното училиште „Јашар Беј Шкупи“ во Чаир, младите го разубавија училишниот двор со садење на бели цвеќиња. Потоа, пишуваа пораки за мир на маици и го составија Кодексот на однесување на ниво на училиштето, зајакнувајќи ги нивните демократски компетенции.

Учениците од средното училиште „Орде Чопела“ од Прилеп поставија клупи во дворот и учествуваа во спортски натпревар. Креативните ученици нацртаа мурал на еден од ѕидовите, а беа организирани и натпревари за литература и уметност со творби кои отсликуваат различни мотиви поврзани со мирот.

И во основното училиште „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, Гази Баба, учениците цртаа графити, цртежи и испишуваа пораки за мирот. Со цел да го разубават дворот, посадија цвеќиња и снимија видео со реализираните активности.

Активности во училишниот двор се спроведоа и во основното училиште „Гоце Делчев“ од Свети Николе и средното училиште „Цар Самоил“ од Ресен. Таму младите садеа растенија, поставуваа клупи и урбана опрема и ги фарбаа. Со тоа, нивниот простор за дружење стана поубав.

А посебен простор каде децата ќе можат да се дружат, да учат нови работи и да имплементираат активности беше направен во основните училишта „Кирил и Методиј“ од с. Романовце, Куманово и „Христијан Тодоровски – Карпош“ од с. Драгоманце, Старо Нагоричане. Во овој дел од училиштето беше поставена модерна опрема и забавни игри со што просторот е подготвен за учениците и нивните идеи. Имено, овие две училишта континуирано спроведуваат воннаставни активности во партнерство за време на кои учениците од различни етнички заедници се запознаваат иако учат во различни училишта.

За креативно да ги искажат нивните мислења за важноста на мирот и да испратат пораки за разбирање и прифаќање, учениците од средното училиште „Неготино“ од Врапчиште напишаа повеќе пораки за мирот.

Слично, нивните соученици од средното училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани ја изразија креативноста преку пишување на поеми и пораки за мирот на повеќе јазици и садење цвеќиња во училишниот двор.

Сите овие млади заедно со нивните врсници во текот на годината беа дел од различни воннаставни активности, развивајќи ги нивните вештини за иницирање и планирање активности за подобрување на состојбата во училиштата.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.