Младинска акција во Гевгелија за разубавување на градскиот парк

265
Учениците од основните училишта „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“ и средното училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија организираа младинска акција за разубавување на градскиот парк на улицата „Маршал Тито“. Младинската акција е поддржана од Општина Гевгелија и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Младите од различни етнички заедници, со почитување на протоколите за заштита, учествуваа во поставувањето на нова урбана опрема, фарбањето на оградата и опремата и хортикултурното уредување. Во паркот се постави и ново осветлување со што доби поубав и современ изглед. На младинската акција присуствуваа и директорите на трите училишта, наставниците кои им помагаа на учениците и претставници на општинската администрација.

За време на акцијата, учениците ги посети Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков кој порача, „Задоволство ми е што им излеговме во пресрет на барањата и потребите на најмладите сограѓани за преку младинска акција родниот град да стане поубаво место за живеење. Драго ми е што соработката продолжува, слушајќи го нивниот глас за делување во општествените сфери на живеење. Истовремено, овозможувајќи позитивни интеракции помеѓу младите од различна етничка припадност на ниво на училиште и на заедница, како и подoбрување на вештините за граѓанско образование, однесувања и волонтерски практики на младите“.

Една од ученичките кои беа дел од акцијата додава, „Особена чест и задоволство ни е што ја реализираме младинската акција како една од идеите на младите од општина Гевгелија за подобрување на живеењето на граѓаните односно, градскиот парк да стане место каде што сите генерации ќе поминуваат дел од слободното време“.

Во наредниот период следуваат повеќе младински акции во кои ќе бидат вклучени уште многу ученици од различни општини низ државата.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.