Како заедничките секции за меѓуетничка интеграција ги продолжија своите активности

263
Оваа учебна година започна во поинакви услови за сите ученици. Имено со одлука на Министерството за образование и наука (МОН), само учениците од 1-3 одделение наставата  ја следат со физичко присуство додека сите останати учат на далечина. Сето ова значително ги измени и активностите во рамки на секциите при проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската фондација Песталоци.

Со цел олеснување на реализацијата на редовната настава, но и на воннаставните активности, проектот им помогна на училиштата да обезбедат потребни материјали и техничка опрема како лаптопи и таблети. Како резултат на тоа со почетокот на учебната година започнаа и активностите во одредени училишта. Некои од нив активностите ги започнаа и пред почетокот на учебната година со цел да го искористат доброто време и активностите да ги реализираат на отворено.

Па така додека времето беше потопло, ОУ „Живко Брајковски“ од Бутел, во рамки на „Математичката секција – нејзиното шаренило и нејзината сестрана примена – Учење преку игра“, реализираше две активности на отворено со запазување на сите мерки на заштита кои се пропишани со Протоколите за постапување во основните училишта во услови на КОВИД – 19. Учениците кои учат на различни наставни јазици заедно исцртаа игри и интересни апликации кои ги насочуваат најмладите ученици при влез во училиштето со држење на растојание. Беа исцртани и забавни игри кои може да се користат како во слободното време така и во одредени други предметни активности. Воедно учениците имаа можност меѓусебно да се запознаат, да се дружат на еден поинаков начин и тимски да соработуваат.

Во ОУ „Лирија“ од Тетово, и оваа учебна година проектот ја поддржа секцијата „Млади истражувачи“ со ученици од различни наставни јазици чии активности започнаа преку учење на далечина. Учениците ја одржаа својата воведна активност онлајн и се запознаа со предвидените активности за учебната година. Заедно истражуваа за градбата на растителна и животинска клетка. И од пластелин ги изработија овие клетки за уште подетално да се запознаат со материјата.

Заедничките активности на младите во рамки на секциите продолжуваат и во следниот период преку учење на далечина. Учествувајќи во нив, учениците се запознаваат подобро, преземаат забавни инцијативи и заедно учат нови работи.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП).