Како се спроведуваат ученички иницијативи преку дигитални алатки на далечина

42
Во текот на јануари и февруари, 2021 година, се реализираа вебинари за спроведување ученички иницијативи преку дигитални алатки на далечина, во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Бирото за развој на образованието и Младински образовен форум. На вебинарите учествуваа над 450 наставници по Граѓанско образование, стручни соработници и директори од 240 проектни основни училишта кои во учебната 2021/2022 година реализираат ученички иницијативи и Отворени денови за граѓанско образование.

На вебинарите посебно внимание беше посветено на важноста на спроведувањето ученички иницијативи преку дигитални алатки, особено во услови кога образовниот процес се одвива на далечина. Учесниците на вебинарите се запознаа со фазите низ кои е потребно да помине една ученичка иницијатива за успешно да придонесе кон развојот на граѓанските компетенции на учениците, како и со различни дигитални алатки кои се соодветно дополнување или алтернатива на традиционалните методи за спроведување ученички иницијативи со физичко присуство. 

Работилниците им помогнаа на училиштата да ги поддржат учениците во реализација на различни иницијативи, преку дигитални алатки или пак комбиниран приод. Прочитајте подолу за дел од спроведените активности во периодот февруари-март 2021 година.

На Отворениот ден за Граѓанско образование во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, учениците од Ученичкиот парламент имаа можност да разговараат со заменичката – народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. На почетокот на настанот, заменичката – народен правобранител одржа кусо предавање за човековите права и демократијата, при што ја назначи важноста на еднаквоста во мултикултурното општество. Поставувајќи ѝ прашања на гостинката, учениците се информираа за надлежностите на народниот правобранител, најчестите поплаки на граѓаните за заштита на правата и начинот на кој може да се бара заштита од овој орган.

Учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Демир Хисар одлучија да спроведат онлајн петиција за чистење на дивите депонии и решавање на проблемот со одлагањето на сметот. Во онлајн петицијата, учениците ја нагласија потребата за слободно движење и игра во чиста природа. По собирањето на потписи преку онлајн алатка, ќе ја достават до градоначалникот и Советот на Општината Демир Хисар.

Учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од с. Блатец спроведоа повеќе активности за зачувување на животната средина: еколошки марш „За чисто Блатец“, две акции за чистење на околината и подигнување на еколошката свест кај пошироката јавност, како и акција за разубавување на училишниот двор. За време на акциите, ученици од сите одделенија, вработени во училиштето, средношколци и родители заедно собраа повеќе од 30 вреќи отпад.

Пандемијата не ги спречи ни учениците од ОУ „Аврам Писевски“ од с. Бардовци да спроведат ученичка иницијатива со која ќе поттикнат позитивна промена во локалната заедница. По дискусии за проблемите со кои се соочуваат во нивната средина, учениците одлучиле да спроведат информативна кампања за подигнување на јавната свест за употребата на локалното детско игралиште.

Ова се само дел од многубројните активности иницирани од учениците кои ќе се спроведуваат на далечина и во идниот период. Преку нив се поттикнува ученичкиот активизам и се развиваат вештините на учениците за креативно размислување и изнаоѓање на решенија на предизвиците со кои се соочуваат.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.