Интервју со Шкодран Ебиби: Желбата на учениците да учат и да се дружат заедно е моја главна мотивација

171
Спроведувањето на заедничките часови со ученици кои учат на различни наставни јазици во рамки на редовната настава продолжува и оваа учебна година и тоа во седум средни училишта во Град Скопје. Преку овие часови, учениците учат да комуницираат и да соработуваат едни со други, градат меѓусебна доверба и стекнуваат вештини за заедничко живеење во мултиетничко опкружување. Важноста од овие активности е голема и за време на пандемијата со КОВИД-19.

Издвојуваме една успешна приказна за спроведувањето на заедничките часови и во овие услови кога наставата се спроведува преку учење на далечина поради пандемијата. Прочитајте го интервјуто со Шкодран Ебиби, наставник по спорт и спортски активности во СЕПУГС „Арсени Јовков“ и дознајте повеќе детали за спроведувањето на овие часови преку учење на далечина.


Заеднички час преку учење на далечина

Новонастанатата ситуација поради кризата со вирусот КОВИД-19 наметна потреба од спроведување на образовниот процес преку учење на далечина. Ова ги вклучува и заедничките часови со ученици кои учат на различни наставни јазици. Како успеавте да се прилагодите на ситуацијата и да продолжите со одржување на заедничките часови?

Заедничките часови по предметот спорт и спортски активности со ученици од повеќе етнички заедници пред кризата ги одржувавме во спортската сала на нашето училиште, но новонастанатата ситуација го спречи ваквото одржување на часовите. Затоа моравме да најдеме начини да ја изведуваме наставата на далечина. Бидејќи заедничките часови за учениците беа интересни, разумно беше да продолжиме со тие часови преку дигитални алатки. Учениците кои учат на различни наставни јазици се собираа и заедно дискутираа за теми поврзани со спортот и нивните искуства со одредени спортови. На часовите предававме двајца професори на различен наставен јазик и користевме повеќе апликации. Преку нив комунициравме меѓусебно со видео врска, правевме вежби, гледавме и анализиравме спортски натпревари и слично.

Предметот спорт и спортски активности може да претставува предизвик за учење на далечина. Со какви предизвици се соочивте за време на спроведувањето на заедничките часови?

За време на заедничките часови, запознавањето со вредностите на сопствената култура и особеностите на другите култури и развивање позитивен културен идентитет претставува еден од поголемите предизвици. Учениците доаѓаат од различни заедници и учат на различни наставни јазици, па потребата од меѓусебно разбирање и почитување е природна. Тие се запознаваат со концептите за човекови права и нивната примена во секојдневните ситуации. Секако голем предизвик претставува и препознавањето и намалувањето на стереотипите и предрасудите.

Какви беа перцепциите на учениците и нивното искуство со заедничките часови во изминатата учебна година?

Учениците се задоволни од заедничките часови. Пред сè тие научија да се ценат и да се дружат. Ги сведоа на минимум недоразбирањата кои произлегуваат од стереотипите и предрасудите и заедно го учеа и дискутираа материјалот.

И во новата учебна 2020/2021 година продолжува реализацијата на заедничките часови во СЕПУГС „Арсени Јовков“ и во уште шест средни училишта во Скопје. Кои се Вашите планови за спроведување на наставата во новата учебна година?

И во учебната година што следува повторно ќе ги одржуваме заедничките часови, но овој пат по можност ќе вклучиме повеќе ученици. Наставата повторно започнува на далечина преку националната платформа за далечинско учење. Ќе продолжиме заедно да ги надминуваме сите предизвици и да осознаваме нови нешта со нашите ученици во духот на меѓуетничката интеграција.

Што Ве мотивира во Вашата работа? Што би им препорачале на другите наставници?

Желбата на учениците да учат и да се дружат заедно е моја главна мотивација. Ние како наставници треба да ги поттикнуваме и поддржуваме во тоа.