Интервју со Назихтере Сулејмани за грантовите за организирање на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата

547

Основните и средните училишта низ државата кои реализираат заеднички ученички активности за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата можат да аплицираат за грантови кои ги доделува Министерството за образование и наука. Тие имаат за цел да ги промовираат добрите практики за активности кои се темелат на почитување на разликите, притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество.

Финансиска поддршка за училиштата за реализација на вакви наставни и воннаставни ученички активности и иницијативи беше обезбедена во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој се реализираше во периодот 2012-2017 година, па потоа и преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Но, за да стане одржлива оваа поддршка во форма на грантови и во иднина, беа направени промени во Законот за основно образование и Законот за средно образование со која Министерството за образование и наука може да ги доделува овие грантови на училишта и понатаму.

Прочитајте го интервјуто со Назихтере Сулејмани, претседател на Комисијата за меѓуетничка интеграција во образованието (КМИО) во Министерството за образование и наука и дознајте повеќе детали за направените системски промени за вклучување на меѓуетничката интеграција во образованието како и за влијанието на грантовите врз целокупниот образовен процес.


Назихтере Сулејмани, претседател на Комисијата за меѓуетничка интеграција во образованието (КМИО) во Министерството за образование и наука

Можете ли да ни кажете кои системски промени се направени за вклучување на меѓуетничката интеграција во образованието?

Меѓуетничката интеграција во образованието е процес кој тече подолго време и ќе продолжи и во иднина во насока на постигнување на главната цел, а тоа е меѓуетничка кохезија во образованието.

Иако секогаш имало поединечни примери на добра практика за меѓуетничката интеграција во училиштата истите не биле доволно промовирани и не постоела нивна одржливост и биле недоволни за да обезбедат добра на меѓуетничка интеграција. Со вметнување на одредби во Законот за основно образование и Законот за средно образование за можноста за реализација на активности за меѓуетничка интеграција, во училиштата се отворија можностите училиштата да реализираат вакви активности и за истите да добиваат финансиска поддршка и од Министерството за образование и наука.

Освен во законските измени активностите за меѓуетничка интеграција станаа составен дел од Индикаторите за квалитетно работење на училиштата кои се следат од страна на Државниот просветен инспекторат. Меѓуетничката интеграција стана составен дел од Годишните програми за работа на училиштата. Елементи од меѓуетничката интеграција се вметнаа и во модулите на обуката на испитот за директори.

Во 2020 година, донесените компетенции и стандарди за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта се дополнети и збогатени со компетенции за меѓуетничка интеграција и демократско учество. Со ова се овозможува кадарот во училиштата од позицијата приправник до советник да може да ги градат компетенциите преку професионалниот развој и да се вреднуваат постигнатите компетенции преку кариерниот развој. 

Можете ли да ни раскажете повеќе детали за патот/процесот до системското вклучување на грантовите?

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој се реализираше во периодот 2012-2017 година, па потоа Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, беа патоказ за развивање на процесот за меѓуетничка интеграција во образованието. Добрите практики на Проектот со кој се мотивираа училиштата за реализација на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата преку доделување на грантови ни дадоа поттик на тогашната Работна група за меѓуетничка интеграција да предложиме Министерство за образование и наука да најде начин да ги поддржи училиштата за реализација на вакви активности.

Свесни дека секој проект има почеток и крај, се насочивме кон размислување како да се изнајде решение со кое ќе се обезбеди одржливост на научените лекции од добрите практики.

Работната група за меѓуетничка интеграција во образованието работеше на изнаоѓање на  системски решенија преку кои ќе се осигура оддржливноста на активностите за меѓуетничка интеграција во училиштата. Сите анализи водеа кон тоа дека треба да се интервенира во законите со што ќе се овозможи Министерството за образование и наука финансиски да може да ги поддржи директно училиштата за реализација на активности за меѓуетничка интеграција имајќи предвид дека училиштата се во надлежност на општините/Град Скопје, а со процесот на децентрализација финансирањето на училиштата се реализира преку блок/наменска дотација на општините.

Во месец јули 2016 година се донесени измени во Законот за основно образование и Законот за средно образование каде се предвидува училиштата да можат да реализираат активности за меѓуетничка интеграција и за тоа да бидат финансиски поддржани од Министерството за образование и наука по објавување на Јавен повик за доделување на парични средства на училиштата кои ќе реализираат активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата согласно критериумите на повикот.

Во новиот Закон за основно образование кој стапи на сила во август 2019 година процесот за меѓуетничката интеграција во образованието е уште повеќе зајакнат, со тоа што во законот стои подрачје – Унапредување на мултикултурализмот/интеркултурализмот и меѓуетничката интеграција каде е предвидено формирањето на Тимот за училишна интеграција, составот и нивната улога како и обезбедувањето на средства за поддршка на училиштата за реализација на активности за меѓуетничка интеграција и времето на објавување на Јавниот повик од страна на Министерството.

Несомнено дека двигател на целиот овој процес во овој период е Комисијата за зајакнување на капацитетите за унапредување на меѓуетничка интеграција во образованието, формирана со Решение од Министерот за образование и наука од февруари 2020 година, која претходно функционираше како Работна група, а која е составена од претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците (претходно Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор) и ЗЕЛС. Оваа Комисија има за цел следење на спроведувањето на стратегијата за интегрирано образование, предлагање на активности од областа на интегрираното образование и нивно следење.

Ја користам можноста да изразам голема благодарност до тимот на МЦГО од проектите на УСАИД  за меѓуетничка интеграција како и претставниците од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје кои ни беа најголемата поддршка во текот на овие години на нашето чекорење за обезбедување на меѓуетничка интеграција во образованието.

Која е целта на доделување на оваа финансиска поддршка (грантови)? Зошто се доделува истата?

Целта на доделување на финансиска поддршка на училиштата позната како „грантови“ е во насока на унапредување на процесот на меѓуетничка интеграција во образованието. За да може да се унапреди овој процес несомнено беше потребно да се мотивираат училиштата да реализираат активности за меѓуетничка интеграција, а како решение за поддршка ги предвидовме „грантовите“ т.е. финансиската поддршка на училиштата во висина до 30.000 денари кои што Министерството за образование и наука ги доделува на училиштата по објавен Јавен повик  во месец октомври секоја година почнувајќи од 2016 година.

Какви активности во училиштата се спроведуваат во рамки на овие грантови? Какви резултати се постигнати со грантовите? Споделете неколку успешни примери.

Оваа година по петти пат Министерството за образование и наука објави Јавен повик за доделување парични средства (грантови) на јавните основни и средни училишта за реализирање на заеднички ученички активности со цел промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи кои се темелат на почитување на разликите, а притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.

Активностите можат да се реализираат самостојно во училиште во кое наставата се реализира на повеќе наставни јазици или во партнерство со друго училиште со вклучување на балансиран број на ученици кои наставата ја реализираат на различни наставни јазици.

Оваа година обезбедени се финансиски средства за поддршка на 95 училишта и тоа 70 основни и 25 средни училишта за реализација на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата.

До сега Министерството за образование и наука има доделено 328 грантови и тоа 249 грантови за основни училишта и 79 грантови за средни училишта.

Училиштата аплицираат со разни видови заеднички активности во зависност од креативноста и иновативноста на наставниците и учениците како на пр. заеднички дружби, заеднички театарски претстави, уредување на училишен двор, спортски натпревари, изработка на весници, организирање на разни базари, еколошки акции, реализирање на разни истражувања секогаш запазувајќи ги критериумите на балансираност на бројот на ученици, полот, етничкиот состав.  

Секоја година бројот на вклучени ученици се зголемува така да над 15.000 ученици, над 1.200 наставници и над 600 родители беа дел од активностите кои беа поддржани финансиски од МОН.

Тоа што е најважно со реализација на вакви активности е бројот на ново стекнатите познанства, пријателства, воспоставената комуникација меѓу учениците кои следат настава на различни јазици. Разбиени се стереотипите и предрасудите кај голем број на ученици.

Можете ли да споделите што е ново во однос на овие грантови оваа година со оглед на новонастанатата ситуација?

Новонастанатата ситуација со појавата на пандемијата наметна потреба за воведување нови правила и начини и при реализација на заедничките активности, така да училиштата кои не успеале да ги реализираат предвидените активности добија насоки истите да ги преадаптираат во заеднички активности кои ќе ги одржат онлајн.

Во Јавниот повик што го објавивме оваа година укажуваме дека училиштата можат да аплицираат за заеднички активности кои можат да ги реализираат преку интеракција и од далечина т.е. онлајн или со физичко присуство доколку тоа го дозволува епидемиолошката состојба имајќи предвид дека овие активности можат да се реализираат до октомври 2021 година.

По однос на средствата кои ги добиваат училиштата во самиот Јавен повик е наведено дека со истите може да се набави и ИКТ опрема бидејќи очекуваме дека најголем интерес ќе има за реализација на заеднички активности од далечина, што е различно од претходните години кога овие средства можеа да се користат за работни материјали, реквизити, превоз на ученици за реализација на активностите и друго бидејќи активностите беа со физичко присуство.

На училиштата исто така им се понудени и примери на заеднички активности кои можат да се реализираат од далечина.

Ги охрабруваме училиштата да предвидуваат добри, интересни и креативни активности со кои ќе аплицираат на Јавниот повик.