Интервју со Алвин Салимовски: Мојот стремеж за училиштето „Браќа Рамиз-Хамид“ е да биде училиште на 21 век

201
За да ја следат наставата и активно да бидат вклучени во образовниот процес учениците треба да имаат соодветни услови за учење. Условите за учење на учениците од Општина Шуто Оризари се подобрени по реновирањето на основното училиште „Браќа Рамиз-Хамид“ како резултат на партнерството помеѓу Општина Шуто Оризари, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Европската Команда на САД (EUCOM).
Прочитајте го интервјуто со Алвин Салимовски, директор на училиштето и дознајте повеќе детали за направените инфраструктурни инвестиции и нивното влијание врз целокупниот образовен процес.


Алвин Салимовски, директор на ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“

На што се работеше во училиштето и какво влијание има реновирањето за учениците и училишниот персонал?

Јас работам  во ова училиште 15 години како наставник по Германски јазик. Па така кога ме назначија за директор веќе знаев што му е најпотребно на ова училиште за да се подобрат условите. Ги заменивме старите врати кои беа оштетени, имаа големи дупки и успеавме да ставиме вкупно 36 нови врати со висок квалитет за училниците и канцелариите. Исто така, ходниците во училиштето се варосани и целосно се реновирани две училници. Во двете училници го извадивме стариот риуниран под, ставивме нов под и ги варосавме. Направен е и кабинет по музичко образование каде талентираните ученици ќе може да вежбаат и повеќе да го развијат и подобрат својот талент. Сето ова е од големо значење како за наставниците, а пред сè за учениците.

За да концентрирано се следи наставата, на учениците им се потребни соодветни услови. На пример, ако на еден ученик кога ќе дојде на училиште и кога ќе седне во клупа му дува од секоја страна, нема да може да се фокусира на она што го зборува наставникот. Треба да им обезбедиме соодветни услови на учениците за да можат непречено да ја следат наставата, без да размислуваат дали ќе седат со јакна на час. Затоа со смена на вратите и на прозорите веќе во училниците е топло. Работиме многу на термоизолација на училиштето за тоа да биде енергетски ефикасно. За таа цел се реновираа и фасадата и кровот со што училиштето покрај подобра изолација доби и модерен изглед.

Секако дека ова им значи многу и на родителите. Јас тргнувам самиот од себе – и јас имам син кој учи во второ одделение – нормално е дека очекувам во училиштето да има соодветни услови за да може да ја следи наставата. Јас се трудам на секој начин да им го обезбедам тоа и на учениците од нашето училиште. Убаво е чувството кога ќе се направат видливи промени во училиштето, а сето тоа во интерес на учениците и наставниците.


Пред и по реновирањето

Што значи образованието за децата во оваа општина и во ова училиште?

Образованието, конкретно во нашето училиште и за родителите во Општина Шуто Оризари е од огромно значење. Знаеме дека ромската популација од различни причини не е доволно едуцирана. За среќа, во последниве години подигната е свеста на родителите и го сфатија образованиот процес на нивните деца многу посериозно и многу голем број од нив ги праќаат своите деца на училиште.

Има огромна потреба од редовно посетување на настава и треба многу да се работи на овој сегмент како еден од најбитните во образовниот процес. Но, сметам дека сме на добар пат. Тоа го покажуваат и бројните дипломирани студенти од ромската етничка група.


Пред и по реновирањето

Каков мотив Ви дава ова инфраструктурно инвестирање за развој на едукативните програми во училиштето?

Подобрувањето на условите во училиштето со горенаведените активности за мене како директор е од големо значење и воедно мотив да се продолжи да се работи во училиштето. Секако дека не е сѐ завршено. Успешно завршивме неколку приоритетни проекти, но сега планираме уште многу работи за да им обезбедиме на учениците уште подобри услови за непречено следење на образовниот процес. Во план е целосно варосување на сите училници, реконструкција на паркинг просторот и на училишниот двор како и поставување на смарт табли во секоја училница.

Мојот стремеж е училиштето „Браќа Рамиз-Хамид“ да биде училиште на 21 век; да успееме преку буџетот на училиштето, помош од општината, но и со странски и домашни инвестиции да го оствариме тоа.


Пред и по реновирањето

Како раководител на училиштето, важно е директорот да им даде пример и поттик на наставниците и учениците. Што би им порачале?

Ако сакате успех, единствената формула е посветеност, работа и тимска соработка.