Хуманитарна акција на учениците од ОУ „Кирил и Методиј“ од с. Стајковци

209
Во ОУ „Кирил и Методиј“ од с. Стајковци, Гази Баба продолжија да се реализираат воннаставните активности, поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Изминатиот период учениците од различни етнички заедници заедно спроведоа неколку иницијативи и организираа хуманитарна акција.

Тие се запознаа преку онлајн работилница за нови пријателства. Таа беше реализирана од наставничките по англиски јазик и преку размена на мислења за тоа што значи пријателството, учениците се здружија за полесно да можат да соработуваат едни со други.

Во исто време, училишното раководство и наставничката по ликовно образование заедно со родителите одржаа креативна работилница за ракотворби. Со навраќање кон старите начини на изработка на декоративни предмети, тие ја покажаа креативната страна и го споија корисното и убавото. Нивните изработки сега ги красат ѕидовите во просториите на централното и подрачното училиште и се потсетник за меѓусебната дружба и соработка.

И учениците научија како да изработуваат предмети од различни материјали. Во рамки на ликовната секција, тие цртаа слики и заедно со нивните наставници и родители изработија накит и други предмети. За да се одбележи патронатот на училиштето, рачните изработки беа поставени на електронска аукција. Собраните средства од неа беа донирани во хуманитарни цели за помош на социјално ранливи семејства.

Ваквите воннаставни активности се многу значајни за севкупната воспитно-образовна дејност на училиштата. Преку нив учениците добиваат можност да научат нови работи и да го применат знаењето и стекнатите вештини во иницирање на креативни и интересни активности.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.