Часови со туторска поддршка за вклучување на децата со надмината училишна возраст во образовниот систем

272
За да се подобрат академските резултати и целокупниот процес на инклузија на децата кои се со надмината училишна возраст, проектот „Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем“ обезбедува часови со туторска поддршка. Часовите со туторска поддршка се дополнителни часови за поддршка во учењето на учениците што се опфатени со проектот, а коишто припаѓаат на многу ранлива група. Социјалната загрозеност директно се одразува на академските достигнувања на децата, што резултира со слаби академски резултати. Токму затоа, часовите ги спроведуваат искусни тутори, кои, во комуникација со наставниците на децата, им помагаат на учениците да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат за време на редовната настава, со цел да ги подобрат нивните севкупни академски достигнувања.

Како и многу други работи во овој период, спроведувањето на часовите за туторска поддршка претставуваше предизвик поради затворањето на училиштата во март 2020 година како резултат на пандемијата со КОВИД-19. Оттогаш наваму, туторската поддршка што се обезбедува во рамки на проектот продолжи во онлајн форма.

Во текот на мај и јуни, целта на овие часови беше да им се помогне на учениците во следењето на онлајн часовите во рамките на редовната настава, да им се помогне во пишувањето и поднесувањето на домашните задачи до наставниците, како и да се овозможи подобра комуникација помеѓу наставниците, учениците и семејствата на учениците, особено во услови во кои учениците коишто се поддржани од проектот немаа редовен пристап до паметни уреди (алатки за учење на далечина).

По завршувањето на учебната година на 10 јуни 2020 година, часовите продолжија и во текот на целиот месец јуни, така што учениците можеа да го совладаат пропуштениот материјал од претходните месеци. Во тоа време, контактот со учениците за спроведување на часовите за туторска поддршка беше исклучително голем предизвик, бидејќи повеќето од нив не поседуваа паметни уреди и зависеа од паметните телефони на нивните родители, кои не беа секогаш дома поради нивните работни обврски. Во вакви услови, кога учениците сè уште немаа паметни уреди, а училиштето не можеше да обезбеди соодветен простор, доколку временските услови го дозволуваа тоа, туторите ги организираа часовите во нивните сопствени дворови.

„Навистина сме благодарни за оваа можност и секогаш му го кажуваме тоа на наставникот на крајот од часовите. Туторската поддршка навистина ми помогна да добијам подобри оценки на училиште“, објаснува еден ученик од Куманово.

„Ова е одлично. Ние немаме интернет и мојот син има тешкотии со училишната работа. Се обидов да му помогнам колку што можам, но дури и јас не разбирам сè. Благодарение на Ресмија [туторот] дури и јас имам каде да се обратам за помош, а таа секогаш ни помага. Таа се труди да ни го објасни проблемот за да можеме да разбереме и да научиме, наместо само да ни ги даде одговорите“, додава родител од Куманово.

Со почетокот на новата учебна година во октомври, проектот продолжи да обезбедува часови за туторска поддршка и да поддржува повеќе ученици од повеќе општини. Дополнително, проектот набави 144 паметни уреди, т.е. таблети за сите ученици коишто се поддржани од проектот, со што конечно им овозможи полесен пристап и до редовната настава и до часовите за туторска поддршка.

„Учениците беа заинтересирани за часовите. Тие беа навистина возбудени затоа што имаа нов таблет [донација од проектот] и мислам дека тоа многу ги мотивираше да присуствуваат на часовите и да учат“, вели еден тутор од Шуто Оризари.

Бидејќи ситуацијата со КОВИД-19 ескалираше и останува непредвидлива, училиштата воведоа и развија строги протоколи за заштита. Како одговор на тоа, со цел да се следат протоколите а сепак да се обезбеди успешна имплементација на туторската поддршка, учениците од некои училишта на проектот следат онлајн часови за туторска поддршка, а други посетуваат часови за туторска поддршка со физичко присуство, во зависност од ситуацијата на теренот, како и од достапните ресурси (простор, заштитна опрема како што се маски, средства за дезинфекција на рацете, итн.).

„Часовите организирани на овој начин [онлајн] се многу поинтересни и полесни. Наставникот има интересна презентација за секој час“, вели еден ученик од Шуто Оризари.

Во текот на овој период, целта на туторите е да обезбедат колку што е можно поголема поддршка во однос на искуството на учениците со учење на далечина со цел да се осигури дека учениците коишто се поддржани од проектот нема да заостанат со своите редовни наставни програми.

Во новата учебна 2020/2021 година, во текот на октомври и ноември, беа организирани над 299 часови за туторска поддршка за 106 ученици, во 19 групи, реализирани од 12 тутори.

Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП), во соработка со Министерство за образование и наука.