Access програмата проширена на пет нови локации

179
Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик – Access, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје, ќе се спроведува на пет нови локации почнувајќи од учебната 2019/2020 – средните училишта „Мирко Милески“ и „Дрита“ во Кичево, „Економското – Гостивар“ во Гостивар, „8 Септември“ во Тетово, „Михајло Пупин“ во Скопје и „Сами Фрашери“ во Куманово. Access програмата до сега имаше 2 циклуса по две години реализација во Велес во гимназијата „Кочо Рацин“, а четврта година по ред е во тек реализацијата во „Перо Наков“ во Куманово.

Во декември, 2019 година, наставниците кои ќе ја реализираат програмата на новите локации учествуваа на обука да се запознаат со наставната програма, како и материјалите коишто ќе ги користат. На обуката беа присутни и наставниците кои се од поодамна вклучени во програмата при што им презентираа на нововклучените наставници најдобри практики, предизвици и потенцијални начини за надминување на истите, како и корисни вежби.

Со оглед на тоа што Access програмата ја водат по двајца наставници заедно на секоја локација, претставници од Амбасадата на САД ги запознаа со модели и методи за заедничко предавање и употреба на технологија за време на часовите, додека пак една од сесиите беше посветена на тоа како може да ги поддржат учениците да организираат волонтерски активности од корист за заедницата (Community Service Activities).

„Access не е само курс за учење на јазикот, туку е многу повеќе“, вели Владимир Смилев, предавач во Велес.

Целта на Access програмата е да им се овозможи на учениците кои учествуваат во неа да го изучуваат англискиот јазик, американската култура и демократските вредности. На интересен и неформален начин што е различен од редовната настава, и средношколците од новите училишта ќе имаат можност да ги зајакнат вештините за англиски јазик, но и да учествуваат на размени за учење, да ги унапредат своите академски вештини и да придонесат кон социо-економскиот успех на нивните семејства.

Покрај редовните часови, кои се одржуваат двапати неделно, програмата предвидува и еден летен камп. Исто така, учениците ќе посетуваат и значајни културни и образовни институции. Се посетуваат и ликовни изложби, театарски претстави и кино проекции, се збогатува и спортскиот дух на учениците преку спортски игри, а се негува креативноста на младите преку интерактивни и креативни работилници.

Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.