Учиме за Сончевиот систем

476
Kон крајот на месец март 2018 година се реализираше воннаставна активност  „Астрономијата како посебна дисциплина на физиката“ во основното училиште „Живко Брајковски“ од Општина Бутел.  Активноста на која учествуваа 20 ученици кои наставата ја следат на македонски и албански наставен јазик, имаше за цел да им овозможи на учениците да научат нешто повеќе за Сончевиот систем и за начинот на кој тој функционира.

Во рамки на својата прва средба, учениците во неколку групи тимски работеа на повеќе задачи истовремено: подготовка на презентација на тема „Сончевиот систем“, изработка на макета на Сончевиот систем и мерење на волуменот на планетите.

Но, нивниот ангажман не запира тука. Во периодот кој следува, ќе се одржат уште неколку вакви средби на кои овие основци ќе работат неуморно за да го создадат финалниот производ – голема макета која ќе го претстават Сончевиот систем. Поставена во училиштето, оваа макета ќе претставува потсетник не само на напорната работа на овие креативци, туку и на нивната дружба и заедничките моменти.

Љубопитноста на учениците за астрономијата како дел од физиката е голема. Од таа љубопитност произлезе и оваа работилница, на која како краен продукт ќе биде изработен 3Д Сончев систем. Самата тема, самата работилница поттикна голема возбуда кај учениците. Нестрпливи се да го видат крајниот продукт, изјави една од наставничките кои ја водеа работилницата.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.