Ученици го разубавуваа дворот на тетовското училиште „Андреја Савевски Ќиќиш“

478
Дворот на основното училиште „Андреја Савевски Ќиќиш“ од Тетово доби поубав лик благодарение на заедничкиот труд на дваесет шесто одделенци. Станува збор за еко акција, која се спроведе кон крајот на месец март 2018 година, во која покрај ученици од ова училиште, учествуваа и ученици од основното училиште „Лирија“ од Тетово.

Вредните раце на шестоодделенците ги фарбаа клупите и жардињерите во училишниот двор, притоа давајќи му живописен изглед на својот втор дом – училиштето. Глетката и атмосферата на настанот беше повеќе од убава бидејќи младите ученици неуморно работеа да ја реализираат заедничката цел – поубава и почиста околина за сите.

Навистина ми е убаво денес тука. После оваа активност, сама ќе си ја префарбам својата соба“, изјави една од ученичките кои учествуваа во активноста. Дел од другите ученици пак додадоа дека иако прв пат фарбаат, од сега истото ќе го прават и во својот дом.

На крајот од активноста, учениците заедно пишуваа пораки за почиста и поздрава животна средина. Листовите со пораки ги редеа на патот еден до друг, симболично правејќи „еколошка патека“ помеѓу офарбаните клупи и жардињери во училишниот двор.

Еко акцијата беше веќе трета заедничка средба на учениците од различни етнички заедници кои учат во двете партнерски училишта. Со нетрпение очекуваме да видиме со какви нови иницијативи ќе не изненадат младите основци во претстојниот период!

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.