Учениците од СУ „Цветан Димов“ со хуманитарна акција

250
Околу 15 ученици од средното училиште „Цветан Димов“ од Чаир кои членуваат во училишната драмска секција, под менторство на нивните наставници, изминатиот период организираа хуманитарна театарска претстава. Собраните средства ги донираа во ПОУ „Иднина“ чија основна дејност е воспитно-образовна работа со деца со пречки во психофизичкиот развој.
Прочитајте го интервјуто со Дафина Проволија, ученичка во СУ „Цветан Димов“ и дознајте повеќе за иницијативата на младите, поддржана од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.
Во училишната драмска секција за прв пат заедно учествуваат ученици кои учат на албански и на турски наставен јазик. Имајќи го предвид тоа, како течеа подготовките за претставата?

Ова беше еден важен процес, имавме можност да се дружиме и со ученици од друга етничка припадност. Во нашето училиште има ученици кои се од албанска и од турска етничка припадност. Јас го зборувам и албанскиот и турскиот јазик и затоа им помагав на сите да комуницираат меѓу себе.

За претставата вежбавме по четири часа, два пати неделно. Приказната во претставата го прикажува нашето секојдневие и проблемите со коишто сите се соочуваме како млади, без оглед на кој јазик зборуваме. Претставени се недоразбирањата на младите со родителите, незадоволството за некои работи во образованието и општеството, начинот како влијаат чувствата врз образовниот процес кај адолесцентите и начинот на којшто младите го изразуваат незадоволството за нивните приходи.

Ние истакнавме дека сите млади се жалат за приходите, бидејќи ние младите за да бидеме среќни бараме многу нешта. Но, кога гледаме дека постојат луѓе коишто имаат потреба за основни работи, како облека, тогаш почнува да се зголемува свеста дека треба да го цениме тоа што го имаме, а не да се жалиме за сè.

Со собраните средства набавивте облека и ја дониравте во ПОУ „Иднина“. Зошто решивте да ги донирате средствата? 

Одбравме да ги донираме  бидејќи сакавме да се подигне свеста кај нашите соученици за ваквите хуманитарни акции. Овие активности што ги правиме навистина се пример за сите ученици во училиштето. Кога нè гледаат нас што сме вклучени во вакви активности и кај нив се појавува интерес да знаат како е да се учествува во вакви активности.

Покрај тоа што сте пример за соучениците, сметате ли дека сте добар пример и за родителите? 

Факт е дека понекогаш и возрасните треба да учат од нас. На пример, кога јас учествувам во вакви активности моите родители се секогаш горди на мене затоа што хуманоста што ја имаме ние младите, дефинитивно влијае и кај повозрасните. Им покажуваме на нив дека и тие треба да бидат поактивни на вакви хуманитарни активности.

Каква порака сакате да им испратите на младите?

Мојата порака за младите е да го цениме тоа што го имаме и да се ставиме во чевлите на оние што имаат потреба од помош, а и да ги поттикнеме и другите луѓе повеќе да помагаат.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.