Тркалезна маса за улогата на медиумите во промовирањето на меѓуетничка интеграција и граѓански и демократски вредности кај младите

479
На 11 септември, 2018 година, во Скопје, се одржа тркалезна маса на тема: „Улогата и влијанието на медиумите во промовирањето на меѓуетничка интеграција и демократски вредности кај младите“, на која учествуваа триесетина новинари, претставници на образовните институции и претставници од меѓународната донаторска заедница. Целта на тркалезната маса беше да се дискутираат потенцијалните начини за зајакнување на улогата на медиумите во процесот на промовирањето на меѓуетничка интеграција во училиштата, како и развивањето на граѓански и демократски вредности кај младите.

На почетокот на настанот, Директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија Едвард Гонзалез им се обрати на присутните. „Медиумите го обликуваат јавното мислење. Медиумите имаат моќ да влијаат на нашата перспектива за реалноста и одлуките што ги правиме. Токму затоа е многу важно медиумите не само да информираат за негативните приказни, туку и да ги потенцираат многуте позитивни случувања во животот на младите низ целата земја“, изјави тој.

Во своето излагање, Назихтере Сулејмани, државен советник во Министерството за образование и наука и претседател на Работната група за интегрирано образование во МОН, зборуваше за важноста на соработката помеѓу институциите и граѓанскиот сектор во насока на подобрување на меѓуетничката кохезија во училиштата.

Конечно, Ана Мицковска Ралева, координатор за мониторинг и евалуација на проектот, презентираше разни гледишта на учениците, наставниците и родителите кои беа вклучени во првата година на имплементација на проектот.

Според истражувањето на проектот, учениците во најголем број имаат позитивно искуство од учеството во заедничките ученички активности со ученици кои учат на друг наставен јазик. „Можеме да видиме разлика кога имаме такви активности, некако сме поблиски, се дружиме повеќе“, вели еден од учениците. Сепак, дел од учениците признаваат дека родителите и наставниците ги обесхрабруваат, со цел да избегнат потенцијални „конфликти“ меѓу младите од различни етнички заедници.

Кога станува збор за демократската култура во училиштата пак, истражувањето покажува дека речиси половина од учениците сметаат дека може да имаат проблеми во училиштето доколку отворено го изразат своето мислење.

По излагањето на панелистите, Небојша Мојсоски, раководител на проектот потенцираше дека зајакнувањето на меѓуетничка итнеграција и демократските вредности кај младите се долги и комплексни процеси, за чијшто успех е важна и поддршката од медиумите, по што започна отворена дискусија помеѓу присутните.

Дел од заклучоците од дискусијата се дека образовните теми треба да се повеќе застапени во медиумите и по квантитет и по квалитет. За прашањата поврзани со меѓуетничка интеграција, новинарите треба да известуваат објективно и несензационалистички, и тоа во позитивна конотација, наместо само за „конфликти“. Исто така, медиумите треба да најдат иновативни начини како да пристапат до младите и да им понудат содржини за млади, односно за прашања од нивен интерес. Конечно, се потенцираше важноста на транспарентноста на имплементаторот на проектот за одржување на соработката и комуникацијата со новинарите.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.