Стартуваше новиот Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието

878

„Денешните млади се утрешните лидери!“ е пораката која се испрати пред повеќе од 1000 гости кои присуствуваа на свечениот настан по повод официјалниот почеток на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

На настанот кој се одржа кон крајот на ноември во Хотел Александар Палас во Скопје, присуствуваа претставници од државните образовни институции, општините и училиштата од Македонија, како и голем број на меѓународни и граѓански организации.

Настанот започна со хорски настап на повеќе од 100 ученици од различна етничка припадност од неколку средни училишта. Учениците заеднички ја изведоа песната True Colors и притоа едногласно испратија моќна порака – убавината доаѓа во различни бои и облици!

True colours are beautiful, like a rainbow

Инспирирана од громогласниот аплауз и овациите кој ја исполнија салата, извршната директорка на МЦГО, Лорета Георгиева, своето поздравно обраќање го посвети на различните значења кои ги имаат боите и ја потенцираше убавината на шареноликоста во нашето општество. Таа им порача на присутните: „Сакавме да ги видите боите околу нас и дека покрај бојата која можеме заеднички да ја избереме за нашето училиште, училница, дом, можеме и заеднички да ги избереме пораките за иднината која ќе ја градат младите како утрешни лидери“.

Заеднички да ги избереме пораките за иднината која ќе ја градат младите како утрешни лидери

Во продолжение на настанот, на публиката ѝ се обрати Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, кој говореше за важноста на воспитувањето на младите луѓе во духот на демократските вредности и меѓуетничката кохезија. Тој истакна дека „Соживотот се поттикнува и се учи од мали нозе. Така се создаваат генерации без предрасуди, млади луѓе кои ги знаат своите права и одговорности, кои критички размислуваат, позитивно размислуваат, преземаат акции за менување на нештата, на подобро“.

Соживотот се поттикнува и се учи од мали нозе

За важноста на меѓуетничката интеграција и граѓанските вредности говореше и Амбасадорот на САД во РМ, Џес Бејли. „Се надеваме дека ќе ги поттикнеме младите во Македонија да станат одговорни и активни граѓани кои работат заедно на создавањето на просперитетна, енергична и инклузивна иднина за сите“, истакна тој.

Просперитетна, енергична и инклузивна иднина за сите

Раководителот на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, Небојша Мојсоски пак, во своето обраќање ги запозна присутните со целта на Проектот.

Тој истакна дека Проектот е петгодишна иницијатива која ќе се спроведува во партнерство со Министерството за образование и наука, клучните образовни институции, како и сите општини и училишта во Македонија. Во продолжение додаде и дека главна цел на Проектот е зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања, а училиштата коишто покажуваат посветеност и активно учество во Проектот ќе бидат наградени со  поддршка за реновирање на училиштата преку Европската команда на Армијата на САД.

Да ги научиме младите да се грижат едни за други, без разлика на која етничка заедница припаѓаат

Во продолжение на настанот, Министерката за образование и наука, Рената Дескоска говореше за важноста на соработката меѓу младите. „Доколку ги учиме нашите деца за важноста на соработката, треба и самите да дадеме пример за таа соработка“, додаде таа.

Самите да дадеме пример за соработка

При крајот на настанот, се промовираше и образовна мобилна апликација која ја разви Проектот – EduMobMK.

Апликацијата ќе им овозможи на училиштата и на заедниците да бидат во тек со најновите вести од областа на образованието.

Исто така, во соработка со Министерството за образование и наука и клучните образовни институции, општините и училиштата, на апликацијата ќе се објавуваат и известувања за повици за доставување на апликации за различни видови на поддршка за училиштата и заедниците.

Преземете ја апликацијата тука:

 https://goo.gl/t6KC2B (iOS)

https://goo.gl/9wPRjq (Android)

 

На крајот на настанот, младиот талент Трајче Георгиев ја изведе песната We are the world, охрабрувајќи ги младите луѓе кои сонуваат ист сон, да се стремат да го остварат преку заедничка соработка.

Повеќе слики од настанот може да погледнете тука.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.