Средношколци учествуваа на интеркултурна размена во Детското село Песталоци

280
Дваесетина средношколци од Северна Македонија учествуваа на летен камп во Детското село Песталоци во Троген, Швајцарија во периодот од 7 до 20 јули. На кампот учествуваа околу 150 млади од 9 држави – Северна Македонија, Србија, Хрватска, Турција, Полска, Молдавија, Украина, Русија и Швајцарија. Преку едукативни и интерактивни работилници, учесниците на кампот учеа за правата на децата, карактеристиките на различните култури и други теми поврзани со глобалните предизвици во современото општество.

За време на овие две недели заедничко живеење, младите од различните европски земји постојано работеа заедно во мешани групи и соработуваа на разни иницијативи. Дел од работилници опфатија дискусии на теми за тоа како може младите да ги употребуваат критички медиумите, да ги балансираат слободата и безбедноста и слично. Покрај понудените теми кои беа дел од програмата, младите имаа можност да креираат и работилници според своите интереси.

Во слободното време, средношколците уживаа во заеднички спортски и уметнички активности – цртаа, свиреа на музички инструменти, но и членуваа во разновидни младински клубови, како на пример клуб за медиуми. Членовите на овој клуб имаа улога на новинари – правеа интервјуа со учесниците на кампот, како и со супервизорите и останатите вработени во Детското село. Исто така тие водеа свои радио емисии, организираа радио интервјуа и снимаа видеа.

Двете недели што ги поминав во Троген се дел од најдобрите искуства во мојот живот. Многу се забавував, запознав нови луѓе, создадов нови пријатели од различни земји. Се надевам дека ќе имам можност повторно да се вратам еден ден“, изјави еден од учесниците на кампот.

За време на викендите учесниците имаa организирани екскурзии во Цирих, a исто така имаа можност да ги посетат и водопадите на реката Рајна. Во претстојниот период, средношколците ќе ги пренесат стекнатите вештини и целото искуство од размената на врсниците од своите училишта.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП), организирана во соработка со Коалиција на младински организации СЕГА.