Со посета на Националниот парк Маврово до инклузија на децата што се надвор од училиштата

104
Националниот парк Маврово беше домаќин на учениците од основните училишта „Братство“ од Гостивар и „Блаже Конески“ од с. Присојница кои се дел од програмата за поддршка на воннаставни интегративни ученички активности во рамки на проектот „Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем“, поддржан од Детската Фондација Песталоци.

За време на воннаставните активности сите вклучени ученици се запознаа со природните убавини и животинскиот и растителниот свет во националниот парк и ја подигнаа свеста за здрава и чиста животна средина. Тие ја посетија Патеката на Петко и шумските жители како и управата на Националниот парк Маврово каде дознаа повеќе за големината на паркот, неговата територија и природните и културно-историските споменици.

На крајот, учениците заедно собраа материјали од шумата како есенски листови, шишарки и желади за активности кои ги прават во училиштето. Некои од нив се творење на слика од есенски плодови и изработка на книга со доживувања.

Во рамки на овој проект, во месец ноември и декември, ученички активности се реализираат во 15 проектни училишта. Во активностите учествуваат учениците – стипендисти и нивните другарчиња од паралелките за да се оствари активно учество и интеграција на сите ученици.

Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци.