Сандра и Бесар – Различни етнички заедници, заеднички интереси и цели

199
Сандра Јакимовска и Бесар Исмаили се ученици во средното стручно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје каде што наставата се одвива на македонски и албански наставен јазик. Иако учат под ист покрив, наставата ја следат одвоено – Сандра на македонски, а Бесар на албански наставен јазик. Сепак, тоа не ги спречува да се дружат, во рамки на училишната сообраќајна секција во која членуваат ученици од двата наставни јазици.

„Многу сум задоволна од активностите и целото искуство во изминатиов период. Научив многу нови работи преку секцијата, но за мене поважна е дружбата. Имав можност да запознаам многу ученици од различни националности. Ние младите не треба да се делиме според националноста“, ги сподели Сандра нејзините впечатоци од учеството во заедничката секција.

Сандра и Бесар воопшто не се познавале пред да учествуваат во секцијата. „Со Сандра не се познававме пред да се организира заедничката сообраќајна секција. За да научиме повеќе за другите култури, треба да сме заедно. Јас дефинитивно би сакал да продолжам со оваа секција до четврта година, а се надевам дека ќе завршам и факултет“, додава Бесар.

Преку секцијата поддржана од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, на учениците од различни етнички заедници им се овозможува да соработуваат на различни иницијативи. Како резултат на редовните средби, младите ги намалуваат предрасудите за своите врсници од различна етничка заедница и се пример за другите ученици во училиштето.

„Другите ученици во училиштето имаат различни сфаќања. Некои сметаат дека оваа иницијатива е одлична, а некои се чудат зошто воопшто учествуваме во ваква секција, но јас не го гледам тоа така. За мене секоја ваква активност е голем плус за мене, можам многу повеќе да научам“, вели Сандра.

Како резултат на работата на секцијата, учениците самоиницијативно организираа и предавање за основците од „Јашар Беј Шкупи“ во Скопје. На најмладите им презентираа како треба да ги употребуваат различните видови на заштитни шлемови за да бидат безбедни во велосипедскиот сообраќај. Претходно учениците организираа слична акција – изработија сообраќајни знаци од дрво, картон и пластика и ги подарија на неколку градинки и основни училишта.

„Со изработката на сообраќајните знаци и презентацијата за заштитни шлемови пред сè ние самите научивме многу нови работи. Знаењето што го имаме е важно за нас, но треба да знаат и другите деца“, додава Бесар.

Почнувајќи од учебната 2018/2019 година, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието поддржува заеднички училишни секции во повеќејазичните училишта. Наставниците кои воделе секции на различен наставен јазик, сега работат заедно во една иста секција со сите ученици. Вакви секции се подржани во 20 училишта, овозможувајќи им на повеќе од 400 ученици подобро да се запознаат меѓусебно, заедно да создаваат продукти и да организираат граѓански акции.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.