Работна средба на Работната група за меѓуетничка интеграција во образованието

2291
Министерството за образование и наука (МОН), Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО) и Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) продолжуваат со партнерската соработка за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието.

Кон крајот на јуни, 2018 година, во Струга, се одржа тродневна работна средба на која присуствуваа претставници од Работната група на МОН за меѓуетничка интеграција во образованието (МИО), Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и ОБСЕ. Целта на средбата беше да се дискутираат активностите за меѓуетничка интеграција во образованието кои се реализираа во изминатиот период и да се споделат добрите практики и позитивните резултати од нив.

Средбата започна со презентирање на наодите и препораките кои произлегоа од средбите со претставници од Тимовите за училишна интеграција (СИТ) од сите училишта, организирани во рамки на МИМО во период од март до мај 2018 година. Со цел да се имаат предвид досегашните искуства за планирање на претстојните активности, се разменија и искуствата и од програмите на МОН, МИМО и ОБСЕ за поддршка на заеднички ученички активности во училиштата.

Дополнително, се дискутираа потенцијални алатки и механизми за собирање на конкретни информации за состојбата со МИО во училиштата. На крајот, се дефинираше и динамиката на планираните активности за подобрување и промовирање на процесот на меѓуетничката интеграција во образованието.

Активностите се поддржани преку заедничка координација на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и ОБСЕ, кои се партнери и поддржувачи на Министерството за образование и наука во процесот на унапредување на меѓуетничката интеграција во рамките на образовниот систем.

Работната група на МОН за МИО е формирана во 2014 година и ја сочинуваат претставници од клучните образовни институции – Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и наука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар. Работната група е носечко тело за реализација на активности за МИО и нејзината клучна улога е да го следи спроведувањето на политики, активности и практики за интегрирано образование и да доставува иницијативи и предлози до министерот за образование и наука за поддржување на процесот на меѓуетничка интеграција во училиштата во Македонија.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.