Промовиран новиот концепт за Граѓанско образование  

573
На 20 март, 2019 година, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието го промовираше новиот концепт за Граѓанско образование. Се промовираше и Водичот за ученици за Граѓанско образование во 8мо одделение, кој служи како замена за учебник по Граѓанско образование за 8мо одделение оваа учебна година, а е подготвен врз основа на новата наставна програма.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи и извршниот директор на Македонскиот центар за граѓанско образование, Лорета Георгиева имаа воведни обраќања за време на настанот.

Квалитетното граѓанско образование ќе овозможи да градиме генерации на ученици кои ќе бидат информирани и активни и кои ја разбираат својата улога и одговорност како граѓани. Тоа е клучен дел од секоја демократија“, изјави министерот за образование и наука, Арбер Адеми. „Во претстојниот период, Министерството за образование и наука во соработка со општините ќе продолжи да се залага за унапредување на граѓанското образование за деветто одделение и за средно образование“, додаде тој.

Новиот концепт за Граѓанско образование подразбира систематизирано и постепено подготвување на младите за нивна активна улога во општеството и граѓанско учество, а се базира на позитивни искуства од други земји, но и на контекстот на нашето мултикултурно општество. Ваквиот приод отвора можности во наставата да се користат наставни методи коишто иницираат дискусии и активно учество на учениците во процесот на учење, како и развивање на демократски вредности кај учениците и граѓанска култура во училиштата.

Во своето обраќање, директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи, ја потенцираше клучната улога на наставниците во процесот на унапредување на Граѓанското образование.

Наставниците имаат многу важна и благородна улога –  да ги инспирираат учениците да анализираат и критички да размислуваат за светот што нè опкружува и да ги поттикнат да се ангажираат за подобрување на заедницата преку волонтирање и младински активизам. Наша улога е да ги поддржуваме наставниците во заложбите, но и да обезбедуваме услови за нивно успешно работење. Токму затоа, подготвивме „Водич за ученици за Граѓанско образование во 8мо одделение“ кој покрај теоретски дел содржи и голем број на предлог активности кои можат наставниците заедно со учениците да ги прават на самиот наставен час, но и надвор од училиштето, во локалната заедница “, рече тој.

Процесот на унапредување на Граѓанското образование започна во декември, 2017 година, со поддршка од Македонскиот центар за граѓанско образование, преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и проектот Јакнење на мултиетничката соработка во општините на Детската Фондација Песталоци.

За време на настанот за промоција на новиот концепт, извршниот директор на Македонскиот центар за граѓанско образование, Лорета Георгиева, ја потенцираше важноста на соработката помеѓу граѓанскиот сектор и институциите за демократски промени во општеството.

„Во име на тимот на МЦГО можам да заклучам дека соработката на граѓанскиот сектор со институциите не само што е возможна, туку е и неопходна за да имаме позитивни, квалитетни и долгорочни резултати за модерни реформи во образованието”, изјави таа.

На настанот се одржа и панел дискусија на тема: „Зошто е важно Граѓанското образование?“ на која панелисти беа Назихтере Сулејмани, државен советник во Министерството за образование и наука, Алвин Салимовски, директор на основното училиште „Браќа Рамиз Хамид“ во Шуто Оризари и Анита Ангеловска, наставник по Граѓанско образование во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Гази Баба.

Назихтере Сулејмани ја истакна потребата од постојана поддршка од образовните институции за наставниците при спроведувањето на граѓански иницијативи со учениците, додека пак Салимовски и Ангеловска говореа за заинтересираноста на наставниот кадар како клучен фактор за мотивација на учениците да учествуваат во граѓански иницијативи и за тоа што значи новиот концепт за Граѓанско образование за наставниците и учениците.

На крајот на настанот, Бирото за развој на образованието додели сертификати за сите наставници од сите основни училишта кои учествуваа на обуките за новиот концепт за Граѓанско образование кон крајот на минатата година.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.