Продолжува циклусот обуки за задржување и интегрирање на учениците кои се под ризик од напуштање на училиштето

248
Од 14 до 16 октомври, 2019 година, во Скопје, за втора група на учесници беше реализирана обука за развивање и примена на модели и пристапи ориентирани кон детето во процесот на градење на инклузивна училишна средина. Оваа обука претставува продолжување на програмата за поддршка на наставниците и стручните соработници во рамки на Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, поддржан од Детската фондација Песталоци. Преку обуката, учесниците се стекнаа со вештини за  креирање соодветни услови за прифаќање и задржување во училиште на децата кои се надвор од образовниот систем.

На обуката учествуваа 34 одделенски наставници и стручни соработници од 10 проектни основни училишта – „Славчо Стојменски“ од Виница, „Гоце Делчев“ од Тетово, „Браќа Рамиз и Хамид“ од Шуто Оризари, Скопје, „Васил Главинов“ од Чаир, Скопје, „Јашар Беј Шкупи“ од Чаир, Скопје, „11 Октомври“ од Куманово, „Христијан Карпош“ од Куманово, „Гоце Делчев“ од Гостивар, „Единство“ од Гостивар и „Никола Вапцаров“ од Струмица.. Преку методи на искуствено учење, фокусот на обуката и за оваа група учесници беше ставен на градење на инклузивен однос на наставникот со деца кои се под ризик од напуштање на училиштето, градење на инклузивна клима во училницата и развивање на стратегии и интервенции во однос на индивидуалниот развој на ученици под ризик.

Учесниците на обуката активно учествуваа во работилници за препознавање на учениците под ризик, идентификување на факторите за напуштање на училиштето како и анализирање на проблемите при соработката со семејствата. Тие работеа и на креирање на модели и стратегии за содавање на инклузивна училница и инклузивно училиште. Посебно внимание беше посветено на улогата на наставникот во создавањето на сигурна средина во училницата и градење атмосфера на прифаќање и мотивирање на учениците под ризик за тие што поактивно да се вклучуваат во активностите и поуспешно да се интегрираат во образовниот процес.

Од оваа обука, најмногу ќе ми користи тоа што се стекнав со нови сознанија за техники и стратегии за инклузија на ученици под ризик. Како најголем впечаток ќе го понесам и тоа што имав можност да разменат искуства и со другите учесници“, изјави еден од учесниците на обуката.

Најголемиот дел од учесниците сметаат дека ваквите обуки им овозможуваат да се стекнат со нови идеи за подобрување на нивниот начин на работа, како и да развијат поголема соработка со своите колеги. Обуката беше реализирана од страна на обучувачите Радмила Живановиќ – психолог и психотерапевт и Ивана Маринчек – психолог и психотерапевт.

Обуката за наставници и за стручни соработници е дел од проектот „Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем“ кој го имплементира Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Министерството за образование и наука (МОН), а со финансиска поддршка од Детската фондација Песталоци (ДФП).