Продолжуваат активностите за меѓуетничка интеграција во училиштата

530
Во учебната 2018/2019 година, повеќе од 800 ученици од различни етнички заедници имаа можност да се запознаат, да се дружат и заедно да учат преку заеднички воннаставни активности во училиштата, со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Преку активностите се овозможува младите да соработуваат и да научат повеќе „едни“ за „други“, намалувајќи ги предрасудите за врсниците од различна етничка припадност.
Какви активности за меѓуетничка интеграција поддржува Проектот во повеќејазичните училишта?

Во училиштата во коишто наставата се одвива на неколку различни наставни јазици, учениците од различни етнички заедници често ја следат наставата во различни смени, а неретко и во различни објекти. Токму затоа, дваесет повеќејазични училишта беа поддржани редовно да организираат средби на заеднички секции во кои учествуваат ученици кои учат на различни наставни јазици.

Во основното училиште „Јосип Броз Тито“ од Валандово, активно работи секцијата по техничко образование во која членуваат дванаесет ученици кои учат на македонски и турски наставен јазик. „Младите техничари“, како што себеси се нарекуваат  учениците од оваа секција, имаа неколку заеднички средби во рамки на кои изработија модели макети кои функционираат на природни извори на енергија како на пример, модел на ветерница и модел на соларна енергија. Во текот на работењето, учениците меѓусебно соработуваат и си помагаат, трудејќи се моделот да го направат подобар и пофункционален. Активности поврзани со техничкото образование беа реализирани и во ОУ „Страшо Пинџур“ од с. Јосифово Општина Валандово.

И учениците од ОУ „Јунус Емре“ од с. Лисичани, Општина Пласница учествуваа во активности во рамки на училишната секција по историја. Ваквите активности им овозможија на учениците да ги прошират своите знаења за историјата на сите заедници во земјата.

Во спортската секција на ОУ „Вера Циривири Трена“ од село Дебреште, Долнени, членуваат 20 ученици од македонски и турски наставен јазик. Преку работата на оваа секција, младите учеа за спортот. Ваквите активностите придонесоа за развивање на спортскиот дух кај учениците, но и за меѓусебно почитување и соработка.

Заедничките средби во рамки на секцијата по англиски јазик при основното училиште „Живко Брајковски“ од Општина Бутел, со нетрпение ги очекуваат дваесет ученици кои членуваат во оваа секција. Продукт на оваа секција ќе биде изведба на претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на англиски јазик. На средбите, учениците покрај тоа што го вежбаа драмскиот текст, заеднички предлагаа идеи за сценографијата и костимографијата на претставата.

Во средното економско училиште „Гостивар“ од Гостивар активно работи драмската секција. Членовите на секцијата најпрво следеа теоретски предавања за основните поими во драмата, развојот и поделбата на драмата во литературата. Заедно се стекнаа со поголеми знаења за најпознатите светски драматурзи, со посебен акцент на македонските, албанските и турските современ драматурзи. Преку споредба на нивните дела, ги воочуваа сличностите во тематските содржини. Работата на оваа секција ќе биде заокружена на крајот на учебната година со изведба на театарска претстава пред ученици, професори, родители и пошироката гостиварска јавност.

Во групата на училишта кои реализираат активности од драмски секции се вбројува и СУГС „Цветан Димов“ од Град Скопје во која редовни средби остваруваат 15 ученици од албански и турски наставен јазик.

Активно во спроведување на активности во овој период беше и СЕПУГС „Арсени Јовков“ од Град Скопје. Зададената тема на која работеа членовите на секцијата е Социјална (не)правда. Под водство на одговорните наставници учениците дискутираа за овој поим отворено изнесувајќи ги своите ставови. Поделени во мали мешани групи, учениците работеа и на симболичко прикажување на  социјална неправда преку фотографии. На средбите учениците имаа можност да научат повеќе и за правилата и техниките за изведување на новинарско интервју.

Активности во рамки на секции реализираа и следниве училишта: ОУ „Гоце Делчев“ од Општина Аеродром, ОУ „Кирил и Методиј“ с. Стајковци од Гази Баба, ОУ „Васил Главинов“ од Општина Велес и ОУ „Пере Тошев“ од с. Дупјачани, Општина Долнени.

Какви активности за меѓуетничка интеграција поддржува Проектот во еднојазичните училишта?

Еднојазичните училишта пак, добија поддршка од Проектот да реализираат воннаставни активности во партнерство со еднојазични училишта во коишто наставата се одвива на различен наставен јазик. Оваа учебна година, вкупно дваесет и две училишта организира партнерски активности, во кои понекогаш заедно учествуваа ученици од различни градови.

Основното училиште “Ацо Шопов“ од Бутел реализираше активност во партнерство со ОУ „Лиман Каба“ од истата општина. Учениците од двете училишта заеднички работеа на подготовка на брошура која ќе содржи информации за животот и делото на двата патрона, Ацо Шопов и Лиман Каба, како и генерални информации за двете училишта.

Учениците од ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ од Кавадарци беа домаќини на основците од ОУ „Бајрам Шабани“ од с. Кондово Општина Сарај. На заедничката активност младите изработуваа 3Д геометриски форми. За следниот месец се планира возвратна посета на училиштето во Кондово.

Активности во партнерство реализираа и ОУ „Рајко Жинзифов“ од с. Долно Оризари, Општина Велес и ОУ „Блаже Конески“ од истата општина. Покрај литературната работилница, учениците од македонски и босански наставен јазик, заеднички изведуваа хемиски експерименти.

И учениците од ОУ „Наим Фрашери“  од Тетово реализираа активност во партнерство со учениците од ОУ „Крсте Мисирков“ од Гази Баба. Триесет и два ученика од овие училишта заеднички го одбележаа Денот на пролетта со изработка на честитки со пораки за зачувување на животната средина. Посетени беа и знаменитости на Град Тетово.

Преку создавање можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни иницијативи, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието негува позитивни интеракции помеѓу етнички разновидната младина на ниво на училиште и заедница.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.