Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија во посета на две основни училишта

250
На 24 октомври, 2019 година, Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски и претставници од Европската команда на САД заедно ги посетија основните училишта „Браќа Рамиз Хамид“ во Шуто Оризари и „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, Гази Баба, како дел од активностите на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

За време на посетата, се запознаа со активностите за реновирање на училиштето „Браќа Рамиз Хамид“ коишто се реализираат во рамки на Проектот, со финансиска поддршка од Европската команда на САД. Во училишната зграда се поставуваат нови врати, се реновираат подовите на дел од училниците, се санираат ѕидовите во холовите и се адаптира просторија за музички кабинет, додека пак во подрачното училиште во с. Горно Оризари се реновира влезот на училиштето.

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ја изрази заложбата на општината да се реализираат активности за подобрување на условите за престој на учениците во училиштето, како и за подобрување на квалитетот на наставата. Тој потенцираше  дека во реконструкцијата училиштето учествува со поставување на термо фасада и менување на азбестната покривка на кровот.

Директорот на училиштето „Браќа Рамиз Хамид“, Алвин Салимовски, смета дека преку активностите во коишто учествуваат ученици од различни етнички заедници се промовира соживот и интеграција. Од училиштето велат дека ќе продолжат да организираат работилници и други воннаставни активности за зајакнување на демократските и граѓански вредности кај младите.

Во ОУ „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, Гази Баба, пак, присутните се запознаа со младинските иницијативи кои се одржуваа во училиштето во изминатиот период, како резултат на новиот концепт за Граѓанско образование. Учениците ја бојадисаа училишната ограда и засадија цвеќиња и дрвца во дворот, а со поддршка од Општина Гази Баба се поплочи забавниот кат во дворот и се постави летниковец.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, потенцираше дека општината има многу важна улога во поддржувањето на училиштата и учениците во реализирањето на нивните идеи за подобрување на училишната заедница.

Директорката на училиштето, Анита Ангеловска, изјави дека училиштето ќе продолжи да негува демократска училишна клима и да ги организира младински иницијативи, преку што ќе се работи на зајакнување на демократските и граѓански вредности кај младите.

За време на посетата, учениците учествуваа и во работилница за здрава исхрана. Во рамки на Еразмус+ програмата, младите подготвуваа храна заедно со врсници од партнер училиштата од Португалија, Полска и Шпанија, со цел да ја продадат и собрани средства да ги донираат во хуманитарни цели. Ваквите активности придонесуваат и за развој на претприемачки вештини кај младите.

Инаку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е петгодишна иницијатива за зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања. Овој проект се темели на достигнувањата на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој во период од пет години остваруваше тесна соработка со сите основни и средни училишта при што изгради 400 партнерства меѓу училиштата од целата земја, организираше меѓукултурни активности во коишто учествуваа илјадници ученици и реновираше 63 училишта со поддршка од Европската команда на САД.

Поради поплавата која на 6 август 2016 година го зафати регионот и училиштето, истото беше исчистено и дезинфицирано, а се спроведе и дератизација и бојадисување на училишните ѕидови во централната и подрчната училишна зграда, со финансиска поддршка од Европската команда на САД.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.