Подобрување на знаењата по англиски јазик на средношколците на Access зимскиот камп

487
Повеќе од 20 ученици од средното училиште „Перо Наков“ од Куманово учествуваа на Access зимскиот камп (Access Winter Camp), кој се одржа во средината на јануари  2018 година во Струмица. Поддржан од Амбасадата на САД во Македонија, кампот имаше за цел да ги подобри вештините и знаењата по англиски јазик на учениците.

Учесниците на кампот дебатираа, вежбаа јавно говорење, пишуваа приказни и учествуваа во низа креативни работилници. На овој начин, покрај подобрувањето на англискиот јазик, тие се стекнаа и со дополнителни вештини како тимска работа и критичко размислување.

„Ми се допаѓа начинот на учење, како и тоа што активностите ни помагаат да ги зацврстиме нашите пријателства. Омилени делови ми беа вежбите со познати говори и работилниците кои ни овозможија да ја изразиме нашата креативност. Мислам дека многу ќе ни недостига кампот, но ќе продолжиме да ги одржуваме пријателствата со сите соученици“, рече еден од учениците кои учествуваа на кампот.

„Кога дојдовме на кампот, сè ни беше ново.  Работата во групи беше многу продуктивна.  Преку соработка, пријателство и заедничко учење постигнавме добри резултати. Ми се допадна делот со дебатата бидејќи стекнавме нови знаења“, додаде друг учесник на кампот.

Целта на Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик е учениците да се стекнат со одлично познавање на англискиот јазик, што може да им овозможи подобри работни места, образовни можности и добивање можност за учество и конкурирање за идни размени и учење во Соединетите Американски Држави. Покрај тоа, учесниците го збогатуваат нивното знаење за американската култура, историја и демократски вредности.

Оваа активност е делот од Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, финансирана од Амбасадата на САД во Македонија.