Основци од струмичкото училиште „Никола Вапцаров“ на заеднички час

365

Заедничката практична работа помеѓу младите од различни етнички заедници е одличен начин за зајакнување на нивната меѓусебна соработка и подобрување на меѓуетничката интеграција во училиштата. Водени од ова сознание, двајца наставници од основното училиште „Никола Вапцаров“ од Струмица организираа заеднички наставен час по предметот физика кон крајот на април, 2018 година.

На заедничкиот час насловен „Експериментално определување на отпорот на непознат отпорник со примена на Омов закон“ учествуваа 14 ученици од македонска и турска етничка припадност.

Подготвени со претходно теоретско предзнаење, за време на часот младите го пресметуваа отпорот во дадено струјно коло со помош на аналогни и дигитални инструменти. Учениците прво ги запишуваа измерените вредности во табели, а потоа ја пресметуваа вредноста на отпорот согласно дадените равенки.

Дружењето и соработката меѓу учениците беа нераскинлив дел од прекрасната атмосфера за време на заедничката работа. По успешното постигнување на заедничката цел, тие изјавија дека би сакале почесто да се организираат вакви часови во нивното училиште.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.