Основци од „Панајот Гиновски“ учеа и другаруваа на Матка

321
Кон крајот на октомври, 2018 година, 30 ученици од различни етнички заедници од ОУ „Панајот Гиновски“ го посетија денот музејот на ЕВН, на подножјето на браната на Матка. Целта на активноста беше учениците да се запознаат подетално со појавата на електричната енергија во Скопје и Македонија, како и работата на ЕВН.

Учениците и наставниците беа пречекани од водич кој беше назначен да ја предводи групата и ги информира учесниците за историјата на ЕВН. Турата започна со кратка историја за откривање на електричната енергија во светот и за сите влијателни луѓе кои придонеле за нејзин зачеток и развиток. По воведното излагање во надворешниот дел на музејот, турата продолжи во внатрешните простории.

На првиот кат, учениците имаа можност да ги видат сите стари машини и модели на работа кои тогашните работници ги користеле. Исто така, учениците научија и на кој начин може да се генерира електрична енергија преку употреба на велосипед, како и нејзината енергетска вредност во зависност од времето поминато во нејзино создавање.

На вториот кат, водичот ги запозна учесниците со разновидните модели на создавање на електрична енергија. Покрај тоа, тој ги запозна и со разновидни апаратури кои демонстрираа манипулирање на електричната енергија, како и материјали кои служеа како спроводници за нејзино спроведување.

Оваа активност е дел од секцијата за наука во училиштето во рамки на проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП). Главна цел на проектот е да ја зголеми меѓуетничката интеграција во општеството, промовирајќи мултикултурализам и активно вклучувајќи ги учениците од различна етничка припадност во разновидни активности.