Основците од „Братство Единство“ од Охрид на тркалезна маса со генерал-мајор Стивен Креј

388
На 20 септември, 2018 година, генерал-мајор Стивен Креј, генерал-аѓутант на Националната гарда на Вермонт го посети основното училиште „Братство Единство“ во Охрид. На настанот присуствуваа повеќе од 40 ученици, наставници и родители, градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојановски, како и претставници на Националната гарда на Вермонт, САД.

Основците од охридското училиште во коешто наставата се одвива на македонски, албански и турски наставен јазик со нетрпение го пречекаа генерал-мајор Креј. За добредојде, училишниот хор ја изведе химната на училиштето Сите сме едно – Të gjithë jemi një – Heppimiz biriz.

Веднаш потоа, присутните учествуваа на тркалезна маса на којашто се дискутираа заедничките активности кое ги спроведува училиштето со ученици од трите наставни јазици, како и нивното влијание врз пошироката заедница. Инспирирани од позитивните резултати од ваквите активности, младите му предложија на генерал-мајор Стивен Креј да воспостават партнерска соработка и со училиште од Вермонт, САД.

Прекрасно е да се видат резултатите од соработката на УСАИД, Американскиот секретаријат за одбрана, локалните власти насочена кон активности за подобрување на условите за учениците. Ние во Вермонт имаме многу училишта како ова во кое настава следат ученици од многу етнички групи, од Сомалија, Виетнам, па и Албанија и БиХ. Сметам дека ќе биде прекрасна можност некое од тие училишта да воспостават конкретна соработка со ова училиште во Охрид“, рече Креј.

За време на тркалезната маса, градоначалникот на Општина Охрид ги потенцираше напорите на општината да обезбеди долгорочна одржливост на активностите за зајакнување на меѓуетничката интеграција кај младите, но и за подобрување на условите за учење во охридските училишта.

Инаку основното училиште „Братство Единство“ беше едно од шесте модел училишта во Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) чијашто имплементација започна во 2012 година. Иако Проектот заврши во 2017 година, училиштето продолжи уште поинтензивно да спроведува големи број на заеднички активности со ученици од трите наставни јазици, вклучувајќи и интегрирани часови во редовната настава.

Преку Проектот, во соработка со Европската команда на САД, во 2015 година училиштето се реновираше – беа поставени нови прозорци, врати и подови. До денес, Европската команда на САД помогна во реновирањето на 63 училиштa во земјава, кои се дел од ПМИО.