Основното училиште „Маршал Тито“ од Струмица спроведе кампања за поголема безбедност на пешаците

743
Под мотото „Пешак сум, треба да знам“, учениците од основното училиште “Маршал Тито“ од Општина Струмица спроведоа кампања за почитување на пешаците во сообраќајот на почетокот на мај, 2018 година.

Оваа кампања беше резултат на работата на 20 ученици од различни наставни јазици од сообраќајната секција во ова училиште, кои беа водени од желбата да влијаат на подигање на свеста на возачите.

Со поддршка од своите наставници, низ неколку заеднички средби учениците истражуваа на интернет за заштитата на пешаците и културниот сообраќај, смислуваа пораки и изработуваа транспаренти кои беа поставени на неколку локации пред пешачките премини и главни сообраќајници во Струмица.

Во спроведување на активноста не изостана и поддршката на општината која преку Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот обезбеди дел од едукативните флаери кои ја носеа порака „Однесувајте се одговорно во сообраќајот за доброто на сите деца на нашите улици и патишта“.

 Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.