Организирани серија завршни настани од креативните работилници

829
Кон крајот на мај и почетокот на јуни, 2018 година, се одржаа четири завршни настани од  неколкумесечните креативни процеси кои се одвиваа во неколку средни училишта низ Македонија, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Целта на креативните процеси во коишто беа вклучени младите е да им се понудат креативни алатки и иновативни пристапи кои ќе придонесат за зајакнување на нивното учество во меѓуетничкиот дијалог во училишната и пошироката заедница и да ги зголемат граѓанската свест и демократското однесување кај нив.

Целокупниот процес започна во јануари 2018 година, со тродневна обука за спроведување на креативни работилници на која учествуваа по двајца наставници од 8 средни училишта – „Зеф Љуш Марку“ од Скопје, „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, „Рилиндја“ од с. Житоше, Долнени, „Никола Карев“ од Струмица, „Киро Бурназ“ од Куманово, „Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово, „Гостивар“ од Гостивар и „Нико Нестор“ од Струга. Со цел дополнително да се прошират вештините на наставниците за креативно работење со млади, во февруари се одржа и обука за форум театар методологија.

Непосредно по обуките, наставниците започнаа со практична примена на стекнатите знаења и вештини. Еднаш неделно, тие организираа креативни работилници во своите училишта на кои учествуваа по околу 25 ученици од секое училиште.

Преку комбинација на индивидуална и тимска работа, младите учесници во работилниците имаа можност да творат и креативно да се изразуваат, притоа градејќи самодоверба и развивајќи ги своите вештини за комуникација и соработка. Употребувајќи низа иновативни техники, младите го продлабочија и своето знаење и разбирање на стереотипите, предрасудите и дискриминацијата во општеството.

Искуствата и придобивките од ваквите долгорочни активности се промовираа и во рамки на локалните заедници, со цел да претставуваат позитивен модел и непосреден поттик за долгорочно и одржливо практикување на креативните процеси. Со поддршка од своите наставници и под менторство на искусни актери, младите организираа завршни настани.

Во средното училиште „Рилиндја“ од с. Житоше, Долнени, групата ученици кои учествуваа во креативни работилници изведоа театарска претстава. Претставата го претстави проблемот со малолетнички бракови, а ја проследија повеќе од 100 гости, вклучувајќи го и градоначалникот на Општина Долнени.

Учениците од „Нико Нестор“ од Струга, својата креативност ја преточија во музички и танцов настап „Мостот на пријателството“, кој јавно го изведоа пред Чаршискиот мост во Струга. На настанот присуствуваа повеќе од 100 ученици, наставници, родители, претставници од локалната самоуправа, а истиот побуди интерес и кај случајните минувачи.

Средношколците од техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола изработија краткометражен филм „Битола – отворена за секого“ и организираа промоција на истиот пред повеќе од 60 присутни гости во училиштето. Краткиот филм ги отсликува идеите и иницијативите на младите за подобрување на нивната заедница, а содржи и приказ на неколку знаменитости од културен и историски карактер во градот кои се значајни за различните етнички заедници.

И учениците од „Киро Бурназ“ од Куманово ги презентираа своите продукти во училиштето пред своите соученици, родители и наставници. Јавната презентација беше синтеза на три уметности и содржеше музички дел – два хорски настапи, драмски дел – изведба на седум театарски сцени и ликовен дел – изложба на фотографии, постери и цртежи.

Искуствата на младите од учеството во работилниците покажуваат дека благодарение на нив научиле нови работи во исклучително позитивна атмосфера и стекнале нови пријателства. Во претстојниот период, ќе се одржат јавни презентации и од останатите училишта коишто беа вклучени во креативните процеси.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.