Одржана обука за наставници за креативни работилници

529
Од 14 до 16 ноември, 2018 година, во Скопје, се одржа обука за креативни работилници во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. На обуката учествуваа 16 наставници од осум средни училишта низ Македонија – „Исмет Јашари“, с. Липково, Куманово, „Сарај“, Скопје, „Ристо Ристески – Ричко“, Прилеп, „Кузман Шапкарев“, Битола, „Браќа Миладиновци“, Скопје, „Коле Нехтенин“, Штип, „Ѓорче Петров“, Кавадарци и „Цар Самоил“, Ресен.

Наставниците кои учествуваа на обуката се стекнаа со вештини за употреба на креативни методи и иновативни пристапи во наставните и воннаставните активности. Ваквите вештини ќе им овозможат да организираат креативни работилници со групи на ученици во нивните училишта.

Начинот на којшто се одвиваше обуката овие три дена беше одличен – се изразувавме преку цртање, актерство, игра. Ваквото искуство е значајно за нас наставниците бидејќи ќе биде корисно во нашата работа со учениците. За време на обуката, се создаде кохезија помеѓу учесниците, имаше меѓусебно разбирање, почитување, соработка, поддршка и дружење“, изјави Мевљуде Ниѓаре Ќерими, наставничка во средното училиште „Исмет Јашари“ од Липково.

Покрај стекнатото знаење, имавме можност да стекнеме и пријателства со колеги и да размениме мислења и искуства поврзани со нашата професија“, додаде Олгица Славеска, наставничка во средното училиште „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп.

Во претстојниот период, наставниците ќе работат со групи ученици во своите училишта, балансирани по етничка, родова и социјална структура. Обучените наставници ќе организираат креативни работилници во текот на учебната 2018/2019 година.

Користењето на креативни алатки во ваква специфично дизајнирана методологија овозможува младите луѓе да се стекнат со потребните вештини за да се интегрираат во граѓанско и демократско општество, без оглед на нивната етничка припадност. Исто така, креативните работилници придонесуваат и за подобрување на самодовербата кај учениците, развивање на вештини за тимска работа и соработка помеѓу нив, како и поттикнување на креативност за справување со предизвиците кои ги засегаат младите.

Како резултат од работилниците, ќе бидат организирани јавни презентации во локалните заедници.

Одржувањето на креативни работилници е методологија која е користена и во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, спроведуван од Македонскиот центар за граѓанско образование во периодот од 2011 до 2017 година. Преку овие два повеќегодишни проекти на УСАИД за меѓуетничка интеграција, досега беа обучени 56 наставници од 28 средни училишта со активна вклученост на повеќе од 900 млади.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).