Одржана обука за наставници: Децата и семејствата во образованието

1048
На почетокот на јуни, 2018 година, во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари, обучувачите Дорис Кухн и Петер Холцварт од Универитетот за образование на наставници од Цирих одржаа модел час со примена на програмата Децата и семејствaтa во образованието (ДИСО).

Часот се реализираше со 15 ученици од одделенска настава и десеттина родители, а имаа можност да го набљудуваат повеќе од 30 наставници, стручни соработници и директори од седумте основни училишта кои се вклучени во проектот – ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“, Скопје, ОУ „Дане Крапчев“, Скопје, ОУ „Добре Јованоски“, Прилеп, ОУ„Ѓорѓи Сугарев“, Битола, ОУ „Кирил и Методиј“, Тетово, ОУ „Маршал Тито“, Струмица и „11 Октомври“, Куманово.

Низата забавни активности и игри со учениците на тема здрава исхрана кои се организираа за време на модел часот беа уште една потврда дека програмата ДИСО овозможува децата да стекнуваат нови знаења и да ги развиваат животните вештини во атмосфера на среќа и задоволство. Модел часот беше вовед во втората дводневна обука од програмата ДИСО, на која претставниците од училиштата вклучени во проектот имаа можност да ги продлабочат досега стекнатите знаења за примена на оваа програма во образовниот процес.

Наставниците добија продлабочени информации: за концептот за себе (self-concepts) и за животните вештини; како успешно да ги вклучуваат и да соработуваат со родителите; за медиумските компетенции; како да работат на дидактички методи и за оценување на напредокот на учениците.

„ДИСО придонесува за многу големо поврзување на учениците и наставниците“ – изјави еден од наставниците кои присуствуваа на обуката. „Она што сакам да го применам од обуката е водење на конструктивен разговор со родителите“ – додаде друг учесник.

За време на посетата во Македонија, претставниците од Универзитетот од Цирих, остварија средба и со директорот и заменик директорот на Бирото за развој на образованието, при што се разгледаа можностите за понатамошна имплементација на програмата во Македонија.

Иако програмата ДИСО е наменета за ученици од социјално загрозени семејства , истата може успешно да се применува со сите ученици. Материјалите со работилници, игри и активности се достапни на веб страната: http://www.face-lifeskills.com.

Оваа активност е дел од Проектот за децата и семејството во образованието, финансиран од Универзитетот за образование на наставници од Цирих.