Мултимедијална секција во училиштето „Толи Зордумис“ од Куманово

664

Кон средината на мај, во кумановското основно училиште „Толи Зордумис“се одржа уште една работилница во рамки на училишната мултимедијална секција која е поддржана од проектот за Јакнење на мултиетничка соработка во општините.

Со поддршка од проектот чија цел е промовирање на мултикултурни вредности и активно вклучување на учениците од различна етничка припадност во разновидни активности, 16 ученици од македонски и албански веќе подолго време заеднички соработуваат и се дружат во рамки на секцијата. Под менторство на своите наставници, тие учат како да изработуваат мултимедијални содржини и истите да ги промовираат.

Во изминатиот период, младите веќе изработија концепт за сценарио за краток филм кој ќе го отсликува училиштето и активностите кои секојдневно се спроведуваат во него. На последната средба која се одржа на 18 мај, учениците го финализираа планираното сценарио и го претставија на украсни хамери.

Младите надежи забрзано привршуваат со финалниот продукт и со нетрпение очекуваат својот труд да го споделат со своите соученици, наставници и родители. Преку заедничкото организирање на промоција на филмот која е планирана за почетокот на месец јуни, одличната соработка на младите ќе се потврди уште еднаш.

Оваа активност е дел проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП).