Мултикултурно рели во Битола

638

Може ли учениците да научат повеќе за културното наследство на лесен и забавен начин? Наставниците од основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола уште еднаш покажаа дека одговорот е да!

Во април 2018 година, посветените наставници организираа мултикултурно рели за истражување на културното наследство на градот преку тимска соработка. Во активноста учествуваа повеќе од 30 ученици од различни наставни јазици, членови на училишната секција по германски јазик.

Пред самиот почеток на релито, наставниците ги поделија учениците во неколку групи и им дадоа интересен предизвик – заеднички да истражат пет културни знаменитости лоцирани во центарот на градот за ограничено време.

Видно возбудени и подготвени за предизвикот,  групите ученици се упатија кон Саат кулата, Црквата “Св. Димитрија“, Исхак џамијата, Јени џамијата и НУ Центар за култура – Битола. По пристигнувањето кај секој од локалитетите, младите ги чекаа поставени информативни станици каде што одговараа на квиз прашања за културните знаменитости во Битола.

По истражување на сите локации, групите се враќаа на почетното место и нетрпеливо чекаа наставниците да ги споделат точните одговори и да ги пребројат освоените поени на секоја група. Групата која беше победник во мултикултурното рели беше наградена со „пехар“ од гумени бонбони!

Оваа активност е дел од секцијата по германски јазик во училиштето во рамки на проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП). Главна цел на проектот е да ја зголеми меѓуетничката интеграција во општеството, промовирајќи мултикултурализам и активно вклучувајќи ги учениците од различна етничка припадност во разновидни активности.