Млади од различни етнички заедници заедно на новиот „памп-трак“ полигон во Скопје

54
На 30 септември, 2019 година, повеќе од 40 ученици од училиштата СУГС „Браќа Миладиновци“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СГГУГС „Здравко Цветковски“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“ заедно возеа велосипеди и се забавуваа на „памп-трак“ полигонот во Скопје.

Со промотивен настан, новиот „памп-трак“ полигон за велосипеди и скејтборди беше и официјално отворен. За време на настанот, средношколците ги споија спортот и забавата и ја покажаа важноста од меѓуетничка интеграција. Во исто време ја подигнаа свеста за возење на велосипеди како начин да се зачува животната средина.

На настанот присуствуваше и Петре Шилегов, градоначалникот на Град Скопје кој ги поздрави присутните и нагласи дека јавните простори треба да се инклузивни за сите различни општествени групи.

Овие простори се важни места каде младите може да поминуваат време заедно, без разлика на различните етнички заедници на кои припаѓаат. Со меѓусебна интеракција преку спортски активности тие можат да ги премостат разликите и заедно да се забавуваат.

Полигонот се наоѓа пред Олимпискиот базен „Центар“ и е прв од овој карактер во градот. Градоначалникот напомена дека во претстојниот период ќе се отвори  уште еден „памп-трак“ полигон на влезот на Градскиот парк во Скопје.

Акцијата беше поддржана од Град Скопје и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.