Младите од Гостивар со волонтерска акција за уредување на кејот

462

На 9 мај, 2019 година, повеќе од 200 млади од Гостивар организираа волонтерска акција за уредување на градскиот кеј, со поддршка од Општина Гостивар и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.  Во акцијата учествуваа ученици од основното училиште „Единство Башкими Бирлик“, како и средношколци од економското и медицинското средно училиште, а присуствуваше и градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари.

Младите го исчистија ѓубрето од кејот, ги обоија оштетените клупи, ги обележаа велосипедската и пешачката патека на двете страни од кејот и поставија паркинзи за велосипеди.

Иницијативата на младите е резултат на подолгорочен процес којшто започна во април, кога учениците од различни етнички заедници се сретнаа за прв пат и дискутираа за проблемите со кои тие, како млади личности се соочуваат во својот град. Потоа учениците даваа конкретни предлози за решавање на проблемите и се сретнаа со градоначалникот на општината за да му врачат писмо со конкретни препораки за разубавување на градот.

Доколку велосипедистите имаат простор да се рекреираат и да спортуваат безбедно, на страна од улиците и тротоарите, тие би можеле да претставуваат пример за еколошки свесно однесување. Сметаме дека со тоа што ќе цртаме велосипедски патеки по текот на кејот, младите од нашиот град ќе бидат мотивирани да се однесуваат одговорно и да прераснат во општествено одговорни личности“, стои во писмото на учениците преку кое тие ја изразија својата подготвеност да се вклучат во волонтерска акција и побараа поддршка од општината за реализација на акцијата.

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е петгодишна иницијатива за зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања. Преку создавање можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни граѓански иницијативи, проектот негува позитивни интеракции помеѓу етнички разновидната младина на ниво на училиште и заедница.

Проектот го имплементира Македонскиот центар за граѓанско образование во соработка со Младински образовен форум.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.