Младите од Бутел промовираа мултиетничка соработка

232
Кон крајот на мај, 2019 година, во паркот во општина Бутел се одржа јавен промотивен настан под мотото “We are the world”, организиран во рамки на Проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската Фондација Песталоци. На настанот учествуваа повеќе од 100 ученици од основните училишта „Живко Брајковски“, „Петар Здравковски Пенко“ и „Панајот Гиновски“, а присуствуваше и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски.

За време на настанот, младите ги презентираа финалните продукти од нивното повеќемесечно учество во училишните секции, како дел од активностите на Проектот. Учениците од ОУ „Живко Брајковски“ кои се членови на секцијата „Програмирање со микробит“ презентираа макета на аларм-детектор, креирана во рамки на секцијата. Учениците од ОУ „Панајот Гиновски“, членови на секцијата „Мускетари на науката“, прикажаа неколку иновативни изработки – робот, макета на град во која има спроведено електрична енергија и макета на Сончевиот систем. Учениците од ОУ „Петар Здравковски Пенко“ пак, ги презентираа активностите кои изминатиот период ги реализираа во пензионерскиот дом „Лика Чопова“ во Чаир, како дел од училишната хуманитарна секција.

За време на настанот, учениците имаа и неколку музички, балетски и мултимедијални настапи, а им беа доделени и сертификати за учество во училишните секции.

Во училишните секции кои ги поддржува Проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“ заедно учествуваат ученици кои инаку наставата ја следат на различни наставни јазици. Ваквите активности им овозможуваат на учениците од различни етнички заедници подобро да се запознаат меѓусебно и да соработуваат на различни иницијативи, под менторство на нивните наставници кои исто така инаку предаваат на различни наставни јазици.

Преку Проектот, оваа година заеднички секции се поддржани во 27 основни училишта низ Република Северна Македонија, опфаќајќи над 2700 ученици. Главна цел на Проектот е да се подобри меѓуетничката интеграција во образованието преку спроведување на наставни и воннаставни активности со ученици од различни етнички заедници, и на тој начин да се придонесе за зајакнувањето на мултиетничката соработка во општините. Проектот го имплементира Македонскиот центар за граѓанско образование, во партнерство со клучните образовни институции и девет општини во Република Северна Македонија.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП).