2019-09-17
Home News Младите од Бутел на средба со градоначалникот на Град Скопје

Младите од Бутел на средба со градоначалникот на Град Скопје

576
Поправање на клупите и поставување на корпи за отпадоци, збогатување на реквизитите и поставување на информативни табли се само дел од предлозите на младите од основните училишта од Општина Бутел за разубавување на Градскиот Парк во Скопје. Со цел да ги пренесат своите идеи и иницијативи на одговорните институции, младите се сретнаа со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на почетокот на февруари, 2019 година и му врачија писмо со конкретни препораки.

Учениците сметаат дека се потребни интервенции во Градскиот парк за да биде попривлечен, попријатен и побезбеден за посетителите кои своето слободно време за забава и рекреација го поминуваат во паркот.

„Сметаме дека во паркот има неискористен простор кој може да се искористи за изградба на нови игралишта со што би се зголемил бројот на атрактивни места за рекреација на посетителите. Дополнително, треба да се обноват и репарираат постоечките и да се додадат нови работи во игралиштата кои ќе бидат поактуелни и попривлечни, особено за децата и младите посетители. Наместо песок, на игралиштата треба да има мека подлога бидејќи со тоа тие нема да дишат прашина и ќе има помала веројатност да се повредат“, стои во писмото на младите.


Учениците ги дискутираат своите идеи со градоначалникот на Скопје

Младите потенцираат дека е неопходно да се поправат клупите во паркот, а предложуваат и да се украсат.

„Обичните клупи можеме да ги украсиме со интересни цртежи, или да се обојат во различни бои, за да бидат попривлечни за посетителите. Наместо дрвени, да се постават клупи од друг материјал на изработка, за да биде потешко да се уништат, демолираат и кршат. Препорачуваме да се постават и клупи соодветни за мали деца, кои би имале интересен облик за децата кои ги користат околните игралишта да уживаат повеќе во одморот на нив“, додаваат учениците.

Еден од недостатоците што го воочуваат младите е и недоволната грижа за хигиената на паркот. Токму затоа, предложија да се организира акција за чистење на каналите и езерата во паркот и потенцираа дека со голем ентузијазам би се вклучиле во волонтерски акции за разубавување на паркот.

„Ни пречи и тоа што нема доволно корпи за отпадоци, а тоа придонесува луѓето несвесно да ги оставаат отпадоците со што ја загадуваат животната околина. Дополнително, недостасуваат и корпи за селектирање на отпадот, со што потоа селектираниот отпад Градот Скопје би можел да го рециклира. Исто така, недостасуваат корпи за отпадоци од домашните миленичиња, кои заедно со нивните сопственици го посетуваат секојдневно паркот. Потребата од овие корпи е со цел да се селектира и отпадот кој го создаваат домашните миленичиња во посебни корпи“, додаваат младите.

Градоначалникот на Град Скопје ја истакна заложбата на општината за подобрување на условите во Градскиот Парк и додаде дека општината ќе ја поддржи иницијативата на младите за разубавување на паркот во претстојниот период. Исто така, тој ја потенцираше и посветеноста на општината да обезбеди поддршка за подобрување на меѓуетничката кохезија и за промовирање на граѓанската култура и демократско однесување на младите, во партнерство со Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.


Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје ги објаснува потенцијалните решенија на идентификуваните проблеми 

Инаку средбата на младите со градоначалникот на Град Скопје е резултат на долгорочен процес во којшто беа вклучени учениците, како дел од активностите на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, организирани во соработка со Младински образовен форум. На почетокот на септември, 2018 година, повеќе од 100 ученици од различни етнички заедници заедно го прославија Меѓународниот ден на мирот во Градскиот Парк во Скопје, при што беа идентификувани недостатоците во паркот. Потоа учениците даваа и конкретни предлози за решавање на недостатоците, за време на работилница за критичко размислување, аргументирано говорење и ученички иницијативи организирана во октомври, 2018 година.


Градоначалникот на Град Скопје, градоначалникот на Бутел и младите на заедничка прошетка во Градскиот парк во Скопје

Минатата година, младите од Бутел организираа слична иницијатива и во својата општина, кога ги споделија своите предлози за подобрување на заедницата со градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски. Како резултат на таа иницијатива, учениците од ОУ „Живко Брајковски“ добија нов пешачки премин пред своето училиште.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.