Младите екологисти од Долнени – пример за соучениците

47
Ученици од различни етнички заедници, членови на еколошката секција во ОУ „Перо Тошев“ во с. Десово, Долнени, оваа учебна година секојдневно собираа искористени пластични амбалажи и ги носеа во училиштето. Собраниот амбалажен отпад го складираа во училишните корпи за рециклирање кои на барање на учениците ги донираше  фирмата Пакомак,  По неколку месеци, Пакомак повторно им помогна на младите поборници за здрава животна средина и го транспортираше собраниот отпад од училиштето до место за преработка и рециклирање.

Како резултат на ваквата иницијатива на екологистите, училиштето доби и финансиска поддршка од Пакомак. Со овие средства, учениците посетија фирма за рециклирање во Прилеп, каде што се запознаа со процесот на рециклирање, дробење на пластиката и нејзина подготовка за следна употреба. Освен тоа што ги продлабочија своите знаења, младите заеднички ја посетија и Зоолошката градина во Скопје каде што го зајакнаа и своето пријателство.

Ваквите активности им овозможуваат на учениците од различни етнички заедници да соработуваат и активно да се вклучуваат во иницијативи за подобрување на заедницата. За позитивното искуство говорат и наставниците. „Активностите се многу интересни за учениците, особено секциите каде учениците имаат можност за поголема дружба и делување во средината каде живеат“, рече наставничката Марија Аврамоска.

Еколошката секција во училиштето е во рамки на проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската Фондација Песталоци. Главната цел на секцијата е учениците да ја развиваат еколошката свест, да се стекнат со тимски и претприемачки вештини и да спроведуваат еколошки иницијативи во училиштето.

На почетокот на учебната годината, учениците од оваа секција формираа ЕКО патролни групи, направија план за нивната работа според кој изработија  календар на ЕКО активности и кампањи и организираа едукативни работилници. Со цел да претставуваат добар пример за своите соученици и да придонесат за покренување на свеста за животната средина во целото училиште, изработија и програма за еколошка едукација. ЕКО стандардите ги интегрираа и во годишната програма на училиштето, откако претходно ја презентираа пред наставничкиот совет.

Преку Проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, оваа година заеднички секции се поддржани во 27 основни училишта, опфаќајќи над 2700 ученици. Целта на проектот е да се подобри меѓуетничката интеграција во образованието преку спроведување на наставни и воннаставни активности со ученици од различни етнички заедници, и на тој начин да се придонесе за зајакнувањето на мултиетничката соработка во општините.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП).