Младинска дебата во Струмица

701
На 9 март 2018 година, Општина Струмица во партнерска соработка со МЦГО и МОФ организираше младинска дебата – дел од циклусот младински дебати Youth Talks. За време на настанот, повеќе од 140 учесници дискутираа на темата „Локалната заедница како главен фактор за унапредување на меѓуетничката интеграција и граѓанските вредности кај младите“.

На почетокот на настанот, градоначалникот на Општина Струмица, г-дин Коста Јаневски ги поздрави присутните и ги потенцираше заложбите на општината за унапредување на меѓуетничка кохезија и демократските вредности кај младите.


Воведно обраќање имаше и извршната директорка на Македонски центар за граѓанско образование, г-ѓа Лорета Георгиева, која ја потенцираше важноста на соработката на граѓанскиот сектор и локалната заедница, со цел развивање на демократските процеси во општината и подобрување на животот во заедницата.

Свои излагања имаа неколку панелисти – претседателот на Комисијата за образование на Општина Струмица, г-дин Ацо Ѓоргиев, претседателката на Локалниот младински совет во Струмица, г-ѓа Ирена Георгиева, наставник од основното училиште „Маршал Тито“, г-дин Керем Јусеинов и раководителот на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, г-дин Небојша Мојсоски. Модератор на јавната дебата беше г-ѓа Теодора Столевска, претставник од Младински образовен форум.

По излагањата на говорниците, во интерактивната дискусија земаа учество ученици од 6 основни и средни училишта од општината. Врз основа на позитивните искуства од нивното секојдневие во училиштата, тие дадоа свои предлози за подобрување на соживотот во заедницата и споделија примери од успешни настани за поттикнување на младинскиот активизам.

Младите побараа поддршка од општината за да изработат заеднички училиштен весник и да организираат заедничка полуматура и матура на која ќе присуствуваат ученици од различни етнички заедници. Исто така, тие истакнаа дека локалната заедница е исклучително важен фактор за унапредување на меѓуетничката интеграција и граѓанските вредности кај младите, но посочија дека истовремено и родителите, наставниците, училиштето, па и самите млади имаат голема и одговорна улога во овој процес.

Во претстојниот период, ќе се организираа уште 7 младински дебати во пилот општините на проектот. Циклусот младински дебати Youth Talks има за цел да им овозможи на младите ученици подобрување на културата на дијалог, зајакнување на нивото на аргументираното говорење, поттикнување на општествена дискусија на релевантни теми, како и унапредување на меѓуетничката кохезија.

Оваа активност е организирана во соработка со Младински образовен форум и е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.