Интервју со Оливер Станојоски: Знаење, но и граѓански вештини кај учениците

533
Образованието е клучен фактор што овозможува идните генерации да се стекнат со знаења и вештини за позитивен развој во демократско и мултикултурно општество. Македонскиот центар за граѓанско образование веќе подолг временски период соработува со Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) во насока на подобрување на образовниот систем во Република Македонија.
Заедничката заложба за образовни реформи е особено важна во областа на граѓанското образование кое доколку е квалитетно, овозможува развивање на демократски вредности кај учениците и граѓанска култура во училиштата. Прочитајте го интервјуто со Оливер Станојоски, советник во Бирото за развој на образованието и дознајте повеќе за реформите во граѓанското образование.


Оливер Станојоски, советник во Бирото за развој на образованието

За успешно надминување на предизвиците поврзани со образованието во Република Македонија, постои потреба образовниот систем постојано да се надградува и унапредува. Во изминатиот период, како дел од реформите во основното образование се работеше и на подобрување на граѓанското образование. Како течеше целиот процес?

На иницијатива на Министерството за образование и наука, во јануари 2018 година се формираше стручен тим за унапредување на граѓанското образование во Република Македонија. Во стручниот тим учествуваа претставници од МОН, БРО, универзитетски професори, наставници по граѓанско образование и претставници од граѓански организации кои работат во областа на граѓанското образование.

На почетокот, стручниот тим направи анализа на состојбата со наставниот предмет граѓанско образование во нашиот образовен систем, а потоа се направи и анализа на шест образовни системи од светот – Црна Гора, Словенија, Австрија, Финска, Калифорнија (САД) и Австралија. Се направи и преглед на релевантните меѓународни документи, вклучувајќи го и извештајот на Евридика за граѓанското образование во европските образовни системи.

Врз основа на овие анализи и истражувања, а имајќи ги предвид и препораките од меѓународни документи на ЕУ и ООН, стручниот тим изготви документ за граѓански компетенции. Овој документ се однесува на тоа какви граѓански компетенции треба да имаат учениците на крајот од еден развоен период – до трето, шесто и деветто одделение и на крајот на средното образование. Кај учениците се бара знаење, но и граѓански и демократски вештини, ставови и однесувања.


Средба на стручниот тим за граѓанско образование

Стручниот тим подготви и нова наставна програма за граѓанско образование за осмо одделение. Што е ново и различно од досегашната наставна програма?

Наставните содржини и теми во новата наставна програма се преземени од документот за граѓански компетенции, како и препораките на ЕУ за доживотно учење. Самата наставна програма е современа, развојна програма која јасно ги предвидува очекуваните резултати од учењето. Ова е особено важно бидејќи фокусот е на тоа што ќе научи и за што ќе биде способен ученикот. Интересно е и тоа што во наставната програма се предвидени и резултати од афективниот домен на учење, односно резултати кои се однесуваат на ставови и на однесувања и тоа не само за време на часовите, туку и во секојдневниот живот.

Клучните цели на предметот и на наставата се дадени на почетокот на програмата, а останатите компетенции ќе се изучуваат меѓупредметно, преку воннаставните активности и во другите предмети од општествено-хуманистичкото подрачје.

Бидејќи немаше време за оваа учебна година да се распише конкурс за нов учебник врз основа на новата наставна програма, создадовме и Брошура за граѓанско образование која е пример за тоа како треба да изгледа еден современ учебник. Досега брошурата е добро прифатена и од наставниците и од учениците. За секоја тема има теоретски дел, а потоа и рубрика „Знаевте ли дека“ во којашто има одредени факти и занимливости кои ќе иницираат дискусија кај учениците  и ќе ги мотивираат дополнително да истражуваат.

Има и предлог активности кои можат наставниците заедно со учениците да ги прават на самиот наставен час, односно во училиштето, заедно со ученичката заедница. Но, има и предлог активности кои учениците можат да ги прават и надвор од училиштето, односно во локалната заедница.


Првите три теми од Брошурата за граѓанско образование за осмо одделение

Што значи новиот концепт за граѓанско образование за учениците? 

Оспособувањето на учениците за активно учење во училиштето и воопшто во животот е главна цел на целиот овој процес. Со учењето се развива личноста, индивидуалниот интегритет, се унапредуваат темелните човекови вредности и се негува граѓанската култура. Всушност ова е подготовка на учениците за одговорен живот во едно граѓанско општество, преку учествување во граѓански иницијативи, волонтирање и слично.

Реализирање на ученички иницијативи имало и досега, во некои училишта повеќе, во некои помалку. На пример, во училиштата кои учествуваат во одредени проекти многу често се организираат вакви иницијативи. Меѓутоа сега сето ова станува дел од самата наставна програма по граѓанско образование, со цел да се обезбеди одржливост на ваквите иницијативи.


Младинска иницијатива: Основци од Тетово го разубавуваат училишниот двор

Моментално се одржуваат обуки за наставници за новиот концепт за граѓанско образование. Какво е досегашното искуство од обуките?  

Предметот граѓанско образование е воведен во 2002 година, па дел од наставниците веќе шеснаесет години реализираат настава по граѓанско образование. Многу е важно тоа што тие постојано бараат да се организираат вакви обуки.

Целта на обуките е да ги запознаеме наставниците со новиот концепт за граѓанско образование, да ја презентираме новата наставната програма, да дадеме насоки за планирање на воспитно-образовната работа за наставниците и насоки за оценување на учениците. Се разбира, даваме и поддршка за конкретни активности и иницијативи. Сето ова треба да доведе до зајакнување на компетенциите на наставниците за реализирање на наставата по граѓанско образование.

Веќе завршивме со втората група наставници, а предвидуваме да се обучат сите наставници кои го предаваат предметот граѓанско образование. Тие треба да бидат носители на овој процес. Сепак, вредностите треба да се пренесат кај сите во училиштата – другите наставници, стручната служба и директорите на училиштата.


Дел од учесниците на втората од циклусот обуки за новиот концепт за граѓанско образование

Што би им порачале на младите кои сакаат да се занимаваат со оваа професија? 

Да се биде наставник е доста благородна работа. Тоа е професија која исполнува бидејќи убаво е да се работи со млади луѓе и да се мотивираат учениците. Драго ми е што на еден од учесниците на обуките кој сега е наставник по граѓанско образование, токму јас му бев наставник по граѓанска култура и историја во седмо и осмо одделение. Исто така, сметам дека трудот на наставниците повеќе да се цени, особено затоа што има многу наставници кои се ангажираат и надвор од работните обврски за да работат со нивните ученици и на воннаставни активности.

Процесот на унапредување на граѓанското образование се реализира во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Македонскиот центар за граѓанско образование и Младински образовен форум со поддршка на УСАИД (Проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието) и Детската Фондација Песталоци (Проект за Јакнење на мултиетничката соработка во општините).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.