Интервју со Ниѓар Нагавци: Младите од сите етнички групи имаат исти проблеми, желби, интереси и цели

1359
Креативноста и иновативноста го движат светот напред. Во првата проектна година, преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, 16 наставници од 8 средни училишта беа обучени за спроведување на креативни работилници и форум театри во училиштата. Ниѓар Нагавци, наставничка по физичко и здравствено образование во средното училиште „Зеф Љуш Марку“ од Скопје е една од обучените наставнички.
Прочитајте го интервјуто со Ниѓар Нагавци и дознајте повеќе.


Ниѓар Нагавци, наставнчка по физичко и здравствено образование во СУ „Зеф Љуш Марку“ во Скопје

Вие сте наставник по физичко и здравствено образование кое е од особена важност за поттикнување на здрав начин на живот и правилен раст и развој кај младите. Покрај тоа, преку спортот младите учат и за вредности како фер игра, меѓусебно почитување, отворена комуникација и тимска работа. Дали сметате дека спортот е соодветна алатка за градење на мостови помеѓу учениците од различни етнички заедници?

Спортот има моќ да ги предизвика најголемите задоволства и најголемите насилства кај луѓето во целиот свет. Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието ни отвори нови видици и не предизвика да преземеме активности во кои ќе го поттикнеме најдоброто и најблагородното кај сите ученици. Увидовме дека со помош на убаво осмислените спортски активности придонесуваме учениците од различни етнички групи да се среќни и задоволни. За време на тие активности тие се дружат се сплотуваат, се чувствуваат еднакви, имаат заедничка цел и што е најбитно говорат без да го знаат јазикот на другиот.


Ниѓар спроведува спортски активности со ученици од различни етнички заедници 

Како наставник кој е обучен за спроведување на креативни работилници и форум театри, сметате ли дека наставниците можат да ја користат креативноста за подобрување на меѓуетничката интеграција кај младите?

Секако дека можеме. Преку креативните работилници можеме да направиме многу промени кај младите па дури и кај нас. Во секој чекор сме опкружени со дезинформации или негативни информации кои ни влеваат гнев, омраза, страв и несигурност. Креативните работилници им овозможуваат на младите преку лично искуство да учат за другите етнички групи. Тие осознаваат дека иако припаѓаат на различни етнички групи, имаат многу заеднички интереси и цели. Со самото тоа веќе се губи стравот од непознатото, се прави репрограмирање кое помага за намалување на предрасудите и стереотипите, што е прв предуслов за подобрување на меѓуетничките односи.


Учесниците на обуката за креативни работилници 

По завршувањето на обуката за креативни работилници, организиравте повеќе од 40 работилници во вашето училиште. Како тече една креативна работилница?

Секоја креативна работилница остава белег кај сите учесници. Учениците во овие работилници учествуваат активно од идеја до реализација. Доаѓа до израз нивната креативност, нивното мислење, нивните желби и поттик да размислуваат на друг начин. Сето ова многу малце може да дојде до израз во редовната настава, затоа учениците сакаат да учествуваат во ваков вид на активности. За време на овие работилници учесниците се многу мотивирани, расположени , секогаш посакуваат да останат што е можно подолго и да им се овозможи да се среќаваат почесто од предвиденото.


Учениците од „Зеф Љуш Марку“ на креативна работилница

Какви активности ќе организирате во претстојниот период?

Во моментот јас, мојата колешка Луана и нашите ученици, спремаме една претстава – форум театар каде учениците преку игра, песни, танцување и поезија сакаат да ни пратат пораки дека младите, од сите етнички групи имаат исти проблеми, желби, интереси и цели. Во претставата ќе бидат прикажани и сличностите во обичаите и традициите. Ние сме изненадени со идеите и креативноста на нашите ученици. Тие докажаа дека доколку им верувате и им оставите простор да сработат нешто од идеја до реализација, пријатно ќе ве изненадат.

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.