Интервју со Даниела Адамова: Демократијата се учи преку практикување демократија, а не само од книги и предавања

468
Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието активно соработува со сите општини во процесот на подобрување на меѓуетничката кохезија во училиштата и градењето на демократски вредности кај младите. Во соработка со Град Скопје и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кон крајот на декември, 2018 година, се одржа обука за наставници за реализирање на заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици.
Прочитајте го интервјуто со Даниела Адамова, раководител на Секторот за образование во Град Скопје и дознајте повеќе.


Даниела Адамова, раководител на Секторот за образование во Град Скопје

Како раководител на Секторот за образование во Град Скопје, Вие ја следите работата на општинските средни училишта во градот. Каква е улогата на училиштата во градењето на демократски вредности кај младите?

Улогата на училиштето е огромна, пред сè од причина што училиштето е место во кое младите поминуваат најголем дел од денот, место во кое се стекнуваат со академски знаења, но и социјални вештини и способности со помош на кои се поврзуваат со другите и го градат својот однос кон надворешниот свет. Ова е особено значајно за средношколците. Токму преку тие релации, средношколците ги разрешуваат и своите идентитетски преокупации и дилеми во врска со тоа кои се тие и какви личности сакаат да бидат.

Оттука, многу е важно со какви информации и модели на однесување ќе се сретнат во училиштето и дали тие промовираат позитивни вредности како што се солидарност, толеранција, прифаќање на различностите, емпатија и одговорност кон другите. Ако во училиштето се негува клима на прифаќање и демократско учество на секој член на училишната заедница, тогаш ваквите вредности ќе бидат блиски и прифатливи за секој поединец. Демократијата се учи преку практикување демократија, а не само од книги и предавања.

Поддршката од општината на училиштата за реализирање на активности за меѓуетничка интеграција е многу важна. На кој начин Градот Скопје ги поддржува училиштата во подобрувањето на меѓуетничката интеграција помеѓу учениците?

Градот Скопје има сè повеќе активна улога во унапредувањето на меѓуетничката интеграција и е промотор на истата. Ова ќе го илустрирам со неколку примери.

Во програмата на Градот Скопје за активности во средното образование, меѓуетничката интеграција е една од приоритетните цели и таа опфаќа повеќе активности преку кои се помага овој процес на поврзување на младите – заеднички работилници, хор, трибини, истражување…

Тоа истовремено значи логистичка, финансиска и стручна помош за училиштата за реализација на училишни проекти за меѓуетничка интеграција на младите.

Со обуката за реализација на заеднички часови којашто се одвива моментално, всушност овој процес на поврзување и соработка на младите го издигнуваме на уште повисоко ниво преку нивно заедничко следење на редовната настава. Станува збор за подготовка на наставниците за неколку заеднички наставни предмети да можат да ги реализираат на заеднички часови. Тоа се предмети чии наставни содржини подразбираат поголема интерактивност, како што е предметот по спорт, практичната настава во голем број предмети во стручното образование и часови по англиски, француски и слично.

Колку е важна меѓусебната соработка на образовните институции и партнерството со граѓанскиот сектор за унапредување на меѓуетничката кохезија кај младите?

Меѓуетничката интеграција не е изолиран процес, ексклузивно поврзан само со училиштата. Тој е условен од голем број општествени фактори, па оттука соработката со другите образовни институции како што е Министерството за образование и наука со своите стручни органи е природна и неопходна.

Градот Скопје се обидува да гради партнерство со сите нив, а особено и со граѓанскиот сектор кој на најнепосреден начин ја обезбедува поддршката за училиштата, пружајќи им соодветна експертска и финансиска поддршка. Со тоа се поддржуваат и голем број на проекти кои се иницирани од учениците и кои се и дел од локалните политики и акции за развој на образованието. Затоа развивме директна соработка со невладините организации.

На обуката за реализација на заеднички часови присуствуваат околу 40 наставници од четири средни училишта во Град Скопје. Што е целта на обуката и што се очекувањата по обуката?

Целта на оваа обука е повеќекратна. Прво, од особена важноста е наставниците кои се главни носители на оваа иницијатива да ја добијат потребната стручна подготовка – соодветни вештини и компетенции за работа во клас со други колеги и со ученици кои имаат различна етничка припадност. Мултикултурализмот бара да имаме соодветни знаења, но и позитивни ставови за различните култури, јазици и убедувања.

Од друга страна, многу е важно наставниците да знаат дека во овој процес не се сами и дека ја имаат поддршката од сите релевантни чинители во образованието. Токму тоа целиме да го градиме и обезбедиме. Овие наставници се пред сериозна задача – да ги реализираат задолжителните когнитивни цели, наставни цели и истовремено да работат на поврзувањето и соработката помеѓу учениците кои можеби не се познаваат, имаат свои лични резерви и предрасуди едни за други.

Тоа е мошне  сензитивен процес и затоа е важно на оваа обука наставниците да се стекнат или да ги унапредат своите знаења за тимска работа, за навиките за учениците, да ја унапредат осетливоста за разликите, да научат да го градат балансот при користење на јазиците, сè со цел да обезбеди рамноправност, единство и почитување на секој поединец. На овој начин, ученицитеќе можат да се стекнат со лични искуства за „другите“, да ги осознаат придобивките од мултикултурниот амбиент во училиштата и во него да се чувствуваат посигурни.

Што би им порачале на наставниците кои се дел од оваа обука?

Да продолжат да бидат отворени за нови искуства и знаења и да веруваат дека со својот искрен и посветен однос во овој процес, меѓуетничката интеграција може да се придвижи кон вистинската насока. Да не заборават дека само со личен пример, промовирајќи се како позитивни модели за идентификација, можат да ги водат младите низ овој исклучително возбудлив процес.