Започна циклусот обуки за наставници по предметот граѓанско образование

1138
На 19 ноември, 2018 година, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Македонскиот центар за граѓанско образование започнаа со одржување на обуки за наставници по предметот граѓанско образование, со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и проектот Јакнење на мултиетничката соработка во општините од Детската Фондација Песталоци. Преку циклус од четири тродневни обуки, во претстојниот период ќе бидат опфатени сите наставници кои го предаваат предметот граѓанско образование од сите основни училишта низ Македонија.

Обуките се дел од реформите во основното образование кои нудат нов концепт за граѓанско образование и имаат за цел да ги зајакнат вештините на наставниците за реализација на новата наставна програма по граѓанско образование за осмо одделение. Преку обуките, наставниците ќе бидат запознаени и со нов пристап во наставата и учењето на граѓанското образование кој подразбира активно вклучување на учениците и спроведување на ученички иницијативи во рамки на предметот.

Новиот концепт за граѓанско образование отвора можности за учениците да го применат во пракса граѓанското образование и со тоа да ги подобрат резултатите од учењето. Исто така, концептот овозможува во наставата да се користат наставни методи коишто иницираат дискусии и активно учество на учениците во процесот на учење.

За новата наставна програма за предметот граѓанско образование беше изготвена и Брошура за Граѓанско образование за осмо одделение која се применува во учебната 2018/2019 година. Во Брошурата со обработени содржини од наставната програма наменета за сите ученици од осмо одделение и тоа:
– Тема 1: Претстава за себе како граѓанин
– Тема 2: Соработка и поврзаност во граѓанското општество
– Тема 3: Граѓанинот и општеството
– Тема 4: Религијата, уметноста и медиумите во граѓанското општество
– Тема 5: Граѓанинот и државата
– Тема 6: Граѓанинот и светот.

На изработката на Брошурата ѝ претходеше подолгорочен процес на работа на стручниот тим за унапредување на наставата по граѓанското образование и тоа во неколку клучни области:
– Преглед на меѓународни документи и препораки за граѓанското образование, системската поставеност и тековните процеси за реформа на наставните планови и програми во Република Македонија;
– Идентификација на клучните граѓански компетенции кои треба да ги поседуваат учениците по завршувањето на определен степен на образование;
– Анализа на наставните планови и програми од аспект на граѓанско образование;
– Осврт на состојбата и заложбите за ученичко организирање и учество.

Во претстојниот период, образовните институции во соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование ќе работат и на унапредување на граѓанското образование за деветто одделение, како и за средното образование.

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.