Заеднички ученички секции за подобра меѓуетничка интеграција

488
Почнувајќи од учебната 2018/2019 година, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието поддржува заеднички училишни секции во повеќејазичните училишта. Наставниците кои досега воделе секции на различен наставен јазик и нивните ученици ќе имаат можност да работат заедно во една секција на иста тема во своето училиште, а притоа да комуницираат и да се запознаат меѓусебно подобро, да соработуваат и заеднички да создаваат продукти, истовремено промовирајќи ја меѓуетничката соработка, граѓанската култура и однесување.

Основното училиште „Гоце Делчев“ од Аеродром е едно од дваесетте училишта кои започнаа со реализирање на активности во заедничките секции. Во ликовната секција во ова училиште заедно ќе учествуваат ученици кои учат на два различни наставни јазици – македонски и албански.

Првата средба на учесниците во секцијата се одржа на 30 ноември, 2018 година. На почетокот на средбата, наставниците кои ја реализираат секцијата ги повикаа учениците да се претстават себеси со што основците меѓусебно се запознаа.


Пораки за другарство, единство, љубов и уметност од учениците во ОУ „Гоце Делчев“, Аеродром

Потоа, користејќи ја техниката бура на идеи, учениците дискутираа за тоа што би сакале да научат од оваа ликовна секција до крајот на учебната година. Желбите на учениците беа полни со позитивни пораки за другарство, единство, љубов и уметност. Иако постоеја многу предлози, сите ученици се согласија дека сакаат „учењето да ни биде преку другарување” и „сите да цртаме до љубов“.

Потоа, преку интерактивни методи и практична настава младите учеа за волумен во уметноста. Работејќи заедно едни со други и со поддршка од своите наставници, тие моделираа изработки од пластелин при што практично научија како се креира волумен во уметноста.


Ученици од ОУ „Гоце Делчев“ во Битола работат заедно

Покрај основното училиште „Гоце Делчев“ од Аеродром, со организирање на вакви активности започнаа и училиштата „Пере Тошев“ од с. Дупјачани – секција по англиски јазик, Долнени, „Гоце Делчев“ од Битола – хемиска секција и „Страшо Пинџур“ од с. Јосифово, Валандово – секција по техничко образование.

Учениците од различни етнички заедници ќе соработуваат преку повеќекратни средби до крајот на учебната година, по што ќе организираат и јавна промоција на продуктите од ликовната секција. Со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во вкупно 20 училишта низ Македонија ќе се реализираат заеднички секции во учебната 2018/2019 година.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.