Историја на МЦГО

Историја на МЦГО

Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) е основан во 2004 година, како резултат на завршувањето на Проектот за граѓанско образование финансиран од УСАИД кога тимот одлучи да работи како локална невладина организација. Проектот за граѓанско образование се покажа како многу успешен во поставувањето на основите за едуцирање на граѓаните на Македонија активно да учествуваат во зајакнувањето на демократското граѓанско општество. Сепак, постоеше континуирана потреба од образовен развој, а потребата од воспоставување на локална организација беше поттикната од четири фактори: промената во актуелните состојби во граѓанското општество, децентрализацијата на образованието, членството на Македонија во Европската унија и како најважно, исполнувањето на образовните потреби на училишниот систем.

Уште од самото основање, МЦГО имплементираше разновидни проекти поврзани со професионалниот развој на образовните кадри во различни области, како што се развојот и имплементацијата на стандарди за висококвалитетен професионален развој; поддршка на училиштата за спроведување на професионален развој во рамките на самите училишта; поддршка на локалните и државните органи надлежни за образованието (Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар) при развојот на стратегии и процедури за поддршка, следење и оценување на училишниот развој; развој и имплементација на процедури за сертификација на наставници како алатка за оценување на примената на новостекнатите знаења. МЦГО исто така работеше на развојот на стандарди за оценување во училиштата и компетенции на наставниците за оценување коишто беа официјално прифатени од страна на Министерството за образование и наука како насоки за оценување во училиштата. Како резултат на експертизата која неговите кадри ја имаат во голем број на образовни области, МЦГО беше поканет да даде свој придонес во изготвувањето на показатели за интегрално оценување на училиштата; да дава предлози за подобрување на предлог законите за основното и средното образование – особено во однос на членовите поврзани со професионалниот и кариерниот развој на наставниците; да организира состаноци и тркалезни маси за дискутирање на состојбите и за споделување на идеи за систем за професионален и кариерен развој на наставниците.

Градење на капацитети за училишниот кадар и образовни програми:

Во текот на изминатите 10 години, МЦГО работеше со сите основни и средни училишта, обезбеди обуки за повеќе од 20.000 заинтересирани учесници во областа на образованието во рамките на неколку програми (подобрување на оценувањето во училиштата; подобрување на наставата по математика и природни науки; подобрување на јазична и математичка писменост во нижите одделенија; градење на капацитети за ИКТ вештини и др.), а при тоа применуваше сеопфатен пристап кон училиштата при што сите училишни директори и кадрите на училишната администрација беа вклучени во проектните активности поврзани со професионалниот развој и сертификацијата на наставниците во рамките на училиштата. МЦГО ги зајакна капацитетите на Училишните одбори во 433 основни и средни училишта преку програма за обука чија цел беше подобрување на раководењето со училиштата.

МЦГО спроведе разновидни меѓуетнички активности и проекти насочени кон поддршка на интегрирано образование во мултиетничките заедници. Ние сме пионери во поглед на иновативни пристапи за зајакнување на интеркултурните компетенции на училишното раководство, наставниците, родителите и учениците. МЦГО им помогна на основните и на средните училишта при планирањето и спроведувањето на воннаставни активности коишто ја поддржуваат работата на училишните тимови за поддршка за одржување на инвестиции и на тој начин создаде локална одговорност за воспоставувањето на модел активности за соработка на ниво на училиште. Над 1600 наставници и училишни кадри добија обука за градење на капацитети за целите на овозможување на меѓуетничка интеграција во училиштата и за имплементирање на заеднички меѓуетнички активности на учениците. Ние исто така ги зајакнавме и програмите за граѓанско образование во училиштата преку овозможување на формална интеграција на ваквото образование во наставните планови за нижите одделенија во основните училишта на национално ниво.

Реновирања на училишта

МЦГО изврши 71 различен вид на реновирања од помал обем. Како дел од ова, МЦГО работеше со општините на утврдувањето на училишните приоритети, а потребните интервенции беа реализирани во тесна соработка со родителите и училиштата.

Децентрализација во образованието

Од 2004 година, МЦГО работи со општините на зајакнувањето на соработката помеѓу училиштата и општините за овозможување на децентрализација. МЦГО го насочуваше процесот на развој на локални образовни политики и на зајакнување на капацитетите на општините за воспоставување на механизам за поврзување на училиштата со владата на локално ниво.

Истражувања

МЦГО спроведе повеќе истражувања на појдовна состојба, како на пр. за Проектот на УНИЦЕФ за проценка на јазичната и математичката писменост во нижите одделенија, а последователно го мереше влијанието на квалитетот на интервенцијата и на достигнувањата на учениците, вклучувајќи и оценување на знаењето, способностите и компетенциите на наставниците за држење на настава; проекти за меѓуетничко образование во училиштата; проекти за децентрализација во образованието со анализа на професионалниот развој на општинските претставници со цел да се обезбеди последователно следење на проектните активности.

Публикации, информирање на јавноста и конференции

Од 2004 година, МЦГО објави и дистрибуираше повеќе од 97.000 прирачници, брошури и други публикации за институциите, општините и училиштата низ Македонија, вклучувајќи: Прирачници за обука на обучувачи; Прирачници за обука на наставници; Прирачник за училишни одбори во основни и средни училишта; Прирачник за обука на обучувачи за работа со родители; публикација „Етнички мешано училиште – место за учење и одржување на меѓуетничка комуникација и соработка“; публикација „Подобрување на меѓуетничкиот дијалог во локалните заедници – теоретски и практични аспекти“; брошура „Етички кодекс за оценување на достигнувањата на учениците“; брошура „Етички кодекс за тестирање на достигнувањата на учениците“; Збирка на трудови од меѓународната конференција „Оценување на учењето во XXI век“; публикација „Децентрализација на образованието во општината“; училишни календари и постери. МЦГО изготви видео материјали и анимирани филмови за подигнување на свесноста за конкретни прашања од областа на образованието, а исто така организираше и различни промоции, вклучувајќи настани за започнување на проекти, национални и интернационални конференции, а при тоа настаните беа успешно покриени од страна на националните и локалните медиуми.

Мониторинг и евалуација

МЦГО разви систем на мониторинг и евалуација на проектните активности. Нашиот тим користи комбинација од алатки и методи за собирање на релевантните податоци за показателите и достигнувањата на проектите.

Соработка со локалните НВО

МЦГО работеше со 20 локални организации за обезбедување на менторство за финансиско управување и известување, застапување на интереси, мониторинг и евалуација и поврзување помеѓу училиштата и општините, при што секоја организација обезбеди сопствена конкретна експертиза и искуство за збогатување на проектните активности. МЦГО им обезбеди поддршка на локалните заедници при воспоставувањето на комуникација и соработка помеѓу општините, училиштата и НВО на општинско ниво, како и помеѓу различни општини.